Инцидентот започна денеска наутро кога непознат маж влегол во супермаркетот во Берлин. Според првичните информации, тој брзо ја презел контролата, извадил оружје и земал една вработена жена како заложничка. Дел од вработените и купувачите успеале да избегаат, но една жена останала заробена внатре.
Специјалните полициски преговарачи воспоставија директен контакт со киднаперот. Разговорите се во тек, а полицијата постапува со максимална претпазливост за да се избегнат било какви жртви.
Германските власти засега не го откриваат мотивот на напаѓачот, ниту пак неговите евентуални барања. Нема официјални информации дали заложничката или самиот киднапер се повредени, ниту дали двајцата претходно се познавале.
Полицискиот портпарол Штефан Петерсен-Шуман потврди дека преговарачите работат активно, но детали за текот на преговорите не се објавуваат. Германскиот весник „Билд“ објави дека менаџерот на супермаркетот пријавил дека видел огнено оружје, но полицијата овие информации ги оценува како непотврдени.
Околу објектот е воспоставен широк безбедносен кордон, а припадниците на специјалните единици (SEK) целосно ја контролираат ситуацијата. Во текот на утринските часови, специјалците користеле скали за подобар увид во внатрешноста на супермаркетот.
Пред кордонот остануваат дел од вработените кои навреме излегле, со загриженост следејќи го развојот на настаните.
Операцијата нема однапред утврден рок. Полицијата продолжува да дејствува професионално и внимателно, со единствена цел – мирно ослободување на заложничката и безбедно завршување на кризата.