Свет

Ормускиот Теснец повторно бојно поле: САД погодиле 140 цели во Иран

Иран го затвори теснецот, Техеран ветува одмазда

Американските сили погодиле околу 140 ирански воени цели откако иранска ракета запали контејнерски брод во Ормускиот Теснец. Техеран возврати со напади врз американски и сојузнички позиции во регионот, а еден морнар се води како исчезнат.

Контејнерскиот брод под кипарско знаме пловел покрај брегот на Оман кога бил погоден од ирански проектил, што предизвикало пожар и голема штета. Екипажот морал да го напушти бродот, а еден член сè уште се води како исчезнат.

Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека нападнала околу 140 цели во Иран, меѓу кои ракетни позиции, лансери за дронови, складишта за муниција и комуникациска опрема.

„Нападите ја намалуваат способноста на Иран да напаѓа цивилни морнари и трговски бродови“, се вели во соопштението.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет беше уште поостар: „Иран донесе лоша одлука. Сега ја плаќа цената“.

Одговорот од Техеран беше брз. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф, напиша: „Времето на еднострани договори е завршено. Реалноста тропа на вратата“.

Иран потоа изврши напади врз американски и сојузнички позиции во Катар, Кувајт, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Регионалните армии пресретнуваа ракети и беспилотни летала. Во Катар три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени од шрапнели.

Иранската Револуционерна гарда тврди дека бродот ги игнорирал предупредувањата и дека Ормускиот Теснец останува затворен до дополнително известување.

Нов и опасен тон внесе и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Мојтаба Хамнеи, кој вети одмазда за убиството на својот татко, Али Хамнеи.

Ситуацијата во Персискиот залив останува крајно напната, а секој нов инцидент директно влијае врз глобалните енергетски пазари, бидејќи преку Ормускиот Теснец пред војната минуваше околу една петтина од светската трговија со нафта.

Најнови вести од: Свет

Бугарската „Кралица на трепките“ и нејзиниот соработник пуштени на слобода по затворските казни за шпионажа за Русија

Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од казната, по што веднаш биле депортирани од Обединетото Кралство.

To top