Македонско-германската соработка во рамките на НАТО има значајна улога во зајакнувањето на регионалната стабилност и безбедност, беше констатирано на денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и началникот на вооружените сили на Германија, генерал Карстен Бројер.
Од кабинетот на претседателката соопштија дека Сиљановска-Давкова ја оцени посетата на генералот Бројер како потврда за посветеноста на НАТО кон стабилноста на регионот. Таа истакнала дека сојузништвото со Германија придонесува за изградба на модерен, отпорен и интероперабилен одбранбен систем, како и за понатамошно јакнење на капацитетите на македонската Армија.
Генералот Бројер ја оцени македонската Армија како кредибилен и доверлив сојузник, нагласувајќи дека нејзините припадници рамноправно учествуваат со останатите армии на земјите-членки на Алијансата во заеднички мисии, вежби и активности.
На средбата било истакнато и дека Македонија и Германија имаат потенцијал за натамошно продлабочување на економската, образовната и културната соработка. Претседателката посочила дека македонската дијаспора во Германија претставува важен мост во развојот на билатералните односи и ја поздравила континуираната германска поддршка за реформските процеси и инфраструктурните проекти во државата.
Генералот Бројер денеска оствари средби и со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за одбрана Владо Мисајловски, на кои било разговарано за унапредување на билатералната одбранбена соработка, зајакнување на партнерството во рамките на НАТО и актуелните безбедносни предизвици во Европа.
Во рамки на посетата, Бројер одржа и заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, при што посочи дека по две децении од последната ваква посета, сакал лично да се запознае со развојот на билатералната воена соработка.