Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, возврати на обвинувањата од ВРЕДИ дека како министер за надворешни работи во 2021 година, на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ разговарал и за унапредување на положбата на Србите во Северна Македонија, оценувајќи дека владејачката коалиција ги меша дипломатските обврски со политичките одлуки.
„Мора да бидат навистина очајни во ВРЕДИ, ако отишле дотаму што официјалните состаноци на Министерството за надворешни работи ги претставуваат како политички определби, додека секојдневното коалицирање со негатори на независноста на Косово, негатори на геноцидот во Сребреница и релативизатори на Охридскиот договор го претставуваат како нормалност“, порача Османи.
Тој додава дека, според ваквата логика, би требало да бидат спорни и средбите на косовскиот премиер Албин Курти со Вучиќ, на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот претседател или на кој било министер за надворешни работи со претставници на држави со кои има несогласувања.
„Дипломатијата не подразбира средби само со луѓе со исти гледишта. Таа постои токму за да се сретне со оние со кои не се согласувате, да ги заштити интересите на вашата држава и да ги унапреди нејзините ставови. Дипломатските средби се уставна обврска. Коалицирањето е политички избор“, истакна Османи.
Тој нагласува дека соопштението на кое се повикува ВРЕДИ е објавено од Кабинетот на претседателот на Србија и ги одразува ставовите на српската страна, а не на Македонија.
„И денес повторно би се сретнал со секој свој соговорник, дури и кога не се согласувам со него, затоа што тоа е должност на министерот за надворешни работи. Но, никогаш не би избрал да коалицирам со оние што ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците. Тоа е разликата меѓу дипломатијата и политичкото потчинување“, порача Османи.
Претходно, ВРЕДИ соопшти дека официјален документ од Претседателството на Србија, според нив, ја побива „пропагандата на ДУИ за српскиот свет“.
Од владејачката коалиција тврдат дека документот покажува оти претставници на ДУИ, додека биле на власт, разговарале за теми кои, според нив, не биле поврзани со приоритетите на Албанците, оценувајќи дека актуелните обвинувања на ДУИ претставуваат политички обид вината да се префрли на други.