Силното невреме кое попладнево го зафати поголемиот дел од Скопје, особено подрачјето на општина Карпош, предизвика значителни материјални штети на објекти и возила, проблеми во сообраќајот и блокада на повеќе улици поради паднати дрва и електрични бандери.
Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, извести дека штетите се сериозни, но дека засега нема информации за повредени лица. Тимови од општината веднаш излегле на терен и работат на отстранување на последиците.
„Сите сме затегнати од невремето кое не снајде во попладневните часови. Добиваме нон-стоп дојави од граѓаните за паднати дрва, за жал и за оштетени кровови на одредени згради. Се надеваме дека немаме повредени луѓе, засега информациите кажуваат дека повредени нема, барем засега. Во името на Општината направивме неколку тимови, ги имаме критичните места, ќе дејствуваме секаде“, изјави Лукровски.
Тој очекува скопскиот градоначалник да се вклучи во координацијата на сите општини во градот и да се формира заедничко тело кое ќе овозможи организирано справување со последиците. Градоначалникот Лукровски упати апел и до жителите на Карпош.
„Јас сум на терен, добивам доста пораки и јавувања од граѓани кои сакаат да помогнат. Засега би апелирал до сите граѓани да излезете на улиците во вашите маала и да делувате локално. Значи, засега нема потреба од собирање на одредени пунктови. Ве молам, излезете на своите улици, отстранете ги гранките и она што е полесно и што можете да го повлечете од коловозот, а подоцна нашите служби ќе интервенираат“, рече градоначалникот на Карпош во своето видеообраќање.