Колумни

„За македонцките работи“ на Мисирков и денес моќен бедем против сите негирања и напади врз македонскиот идентитет, националната свест и јазикот (2)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме, заради нашиот опстој во сегашниве драматично разбранувани и геополитички вителни мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за претстојниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

Пишува: Свето Тоевски

Денес мора со творечко разбирање и дејствување врз основа на тезите од „За македонцките работи“ од 1903 година категорично и аргументирано да се побијат и да се отфрлат хегемонистичките стремежи за хеленизација и бугаризација на одделните епохи и фази на македонската засебна историја, како и на македонскиот јазик и идентитет. 

Со сета сила и мудрост прозвучуваат и денес зборовите на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“, иако се напишани уште пред 123 години: „Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит као светијн’а, значит, да останит он верен на дуот на својите предедовци и да уважаат сé, шчо имаат они напраено за својето потомство. … Верата и јазикот, тоа сет душата на једен народ…“

Формулирање на политичко-државниот концепт за Македонија како „Македонска одделна етнографско-политичка единица“

 Во четвртата статија од капиталната студија за македонизмот „За македонцките работи“ со наслов „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?“ Мисирков, покрај другото, пишува: „Ниiе македонците имаме своiа историiа и  сме народ … имат во нашата историiа много самобитно и своiеобразно, као шчо iет да речиме самостоiната Охридцка архиепископиiа, со неiното работеiн’е на полето на народното просветуаiн’е.  … готоо во сите времиiн’а се забележуат силно работеiн’е на народниiо дух на културно-историiцка осноа, резултата на коiа се iауват образуаiн’е на силна македонцка држаа од цар Самуил и богата народна литература. А ако Македониiа до сега со мали исклу’чеiн’а се iет развиiала оддел’но од Бугариiа и Србиiа, то она можит да чинит и за однапред, ушче поеке, шчо пропагандите: бугарцка и србцка употребуваат сите и дозволени и не дозволени стретства да искоренат во нашиiот народен жиот се самобитно, се чисто македонцко. Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност, као нешчо, без коiе ниiе не ке располагаме со доста стретства да се бориме со пропагандите за сочувуаiн’е од ниф нашата национална самобитност.“

Значи, Мисирков уште пред 123 години кристално јасно одговори дека Македонија може да претставува одделна етнографско-политичка единица“, одделна независна држава. Илинденското востание не успеа да ја конституира таа „Македонска одделна етнографско-политичка единица“. Но народнослободителната борба на македонскиот народ и Првото заседание на АСНОМ ги конституираа илинденско-асномските темели на македонската држава, за која се залагаше со своите теоретски поставки и Мисирков. Тој обликуваше тези за политичко-државна и општествено-јазична стварност, во чие средиште се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ.

Стремеж со „добрососедските договори“ да се испише една нова своевидна, условно кажано, „За северномакедонцките работи“, а „За македонцките работи“ на Мисирков да ја снема

Но, така формулираната политичко-државна и општествено-јазична стварност на Мисирков, која е целосно одразена во илинденско-асномскиот концепт на македонската држава, барем засега е тргната настрана со двата „добрососедски договора“ со Грција и Бугарија. Нивниот стремеж е тие тези на Мисирков, разработени во „За македонцките работи“, и тој македонски државен концепт и целосно да бидат поништени преку создавањето една нова така наречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која конечно нема да постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик. 

Двата „добрососедски договора“, всушност, ја одразуваат намерата на нивните автори, странски и домашни, да се испише една нова своевидна, условно кажано, „За северномакедонцките работи“, а „За македонцките работи“ на Мисирков да ја снема – исто како што сторија Бугарите кога го запленија и го запалија речиси сиот тираж на оваа книга – манифест на македнизмот по нејзиното излегување од печат на 25 декември 1903 година во Софија. Тогаш бугарските власти и националистичките кругови, поврзани со тогашната бугарска државна политика и експонентите на Врховниот македонски комитет, го заплениле и го запалиле речиси целиот тираж на книгата. Но за среќа останале неколку примероци.

Затоа, денес, на стотата годишнина од смртта на Мисирков со иста сила и актуелност се наметнува повторно идентитетското, јазично и државотворно прашање, кое е и наслов на една од статиите во неговата „За македонцките работи“: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред? Она „шчо требит да праиме за однапред“ е возобновување на илинденско-асномската општествено јазична стварност на Македонија, што подразбира возобновување на државата Република Македонија.

Тоа е наш долг кон себеси како народ, но и кон Мисирков, генијалниот стратег на нашиот македонизам, на нашиот национален идентитет и опстој како народ.

(продолжува)

 

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

Најнови вести од: Колумни

За Лант е „глупаво прогласувањето на македонскиот како бугарски јазик“ – дали Костадинов го стори тоа како кандидат за претседател на Бугарија?!

„Бугарските научници, кои тврдат дека концептот на македонскиот јазик бил непознат пред Втората светска војна, или кои продолжуваат да тврдат дека македонскиот јазик не постои, изгледаат не само нечесно, туку и смешно и глупаво! Грчките  научници, кои изнесуваат слични тврдења, покажуваат арогантно незнаење за своите словенски соседи!“ – има констатирано авторот на „Граматиката на македонскиот книжевен јазик“ американскиот славист Хорас Лант во научна статија во 1984 година реагирајќи на постојаните негирање на постоењето и самобитноста на македонскиот јазик. Лант е роден на 12 септември 1918, а починал на 11 август 2010 година. Навршувањето на 108-та годишнина од раѓањето на овој светски признат лингвист е повод да се осврнеме од гледна точка на неговите македонистички истражувања на политичкиот театар, кој го приреди во бугарскиот парламент Костадин Костадинов, лидерот на бугарската ултрадесничарска и националистичка партија „Преродба“. Како пратеник Костадинов поднесе иницијатива македонскиот јазик да биде прогласен и да биде третиран како бугарски јазик. Кажаното од Лант важи денес во целосна мера и за Костадинов: нечесна е и смешна и глупава оваа негова иницијатива за јазикот, кој сиот научен свет го познава и го признава како македонски јазик – идентитетски столб на македонскиот народ.

Писмо од Егејска Македонија од 10.9.1862 против денешните грчки негирања: „Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!“ (2)

„Ќе ти пишувам почесто, ама не знам по бугарски, нашите луѓе овде не знаат бугарски. Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!““  – пишува во писмо, кој го испратил Македонец од Ениџе Вардар, од Егејска Македонија, на 10 септември 1862 година. Јазикот на Македонците во Егејскиот, или Беломорскиот дел на Македонија, не бил бугарскиот, туку македонскиот, или како што стои во оригиналот „мачедонски език“. Ова е многу убедлив доказ и изворно сведоштво, што ги побива сите досегашни и најнови грчки негирања и фалсификати дека „никогаш се говорел македонски јазик на грчката територија“. Но, исто така, и многубројните научни аргументи и докази на врвни светски лингвисти за посебноста на македонскиот јазик и неговата застапеност на сите делови на некогашна етнојазична, неподелена Македонија, претставуваат научен бедем, пред кој се уриваат и стануваат бесмислени досегашните и најновите грчки и сечии други шовинистички негирања на постоењето на мајчиниот јазик на македонскиот народ, но и неговото прикажување како наводна „вештачка творба“, како „измислен јазик“.

Овчарани 2026 ги „разбуди“ духот на Метаксас и грчкиот шовинизам за „измислениот“ македонски јазик и Македонците како „ѓубриња на Балканот“! (1)

Грчката националистичка страница „Грција со висока дефиниција“ на општествената мрежа објави текст за „Контроверзното видео од Мелити“, односно од годинашниов фестивал на македонски ора и песни во Овчарани (на грчки: Мелити). По таа објава во изминативе 48 часа, на 9 и 10 септември, уследи силен бран од реакции на Грци со тешки навреди, пцости, омраза, омаловажувања и негаторски квалификации кон македонскиот народ и јазик, како и кон Република Македонија како држава Македонија.

Теророт врз Македонците во Грција и злогласниот закон на Метаксас од 7.9.1938 за забрана на македонскиот јазик!

На 7 септември 1938 година, диктаторскиот режим на Јоанис Метаксас во Грција го донесе Законот (Правен акт) 2366, со кој радикално се засили претходната забрана и целосно се криминализираше употребата на македонскиот јазик во Егејска Македонија — вклучително и во интимата на сопствениот дом и во кругот на семејството.

Македонистичкото дело на Мјечислав Малецки – бедем пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет

Истражувањата на полскиот славист Мјечислав Малецки претставуваат непобитен научен доказ за автохтоноста и посебноста на македонскиот јазик. Наспроти повеќедецениските организирани политички напади и фалсификати, кои доаѓаат од одредени кругови, делото на овој светски признат лингвист уште во првата половина на XX век ја зацврсти позицијата на македонистиката на меѓународно ниво. Од една страна стојат произволните толкувања и веќе државна доктрина на негација и фалсификати од страна на Бугарската академија на науки и на официјална Софија во врска со „бугарските темели“ на македонскиот јазик, или за неговата „измисленост како јазик во 1944/1945 година“. Од друга страна стои научната вистина за овој најважен столб на македонскиот идентитет, која се потпира исклучиво врз лингвистички факти и домашни и меѓународни теренски истражувања, кои траат многу повеќе од еден век. Полскиот македонист Мјечислав Малецки починал на денешен ден, на 3 септември 1946 година. Ова е пригода за ново навраќање кон неговото македонистичко научно дело, кое е бедем, пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет.

Коле Неделковски: Нашата мила татковина, посрбена, побугарена и погрчена, не се даде никому и си остана со македонска боја!

„Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина, веќе измачена од борбите и соперништвата на неколку народи, кои не штедеа ништо, за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети. Но таа не се даде на никого и си остана со својата боја македонска! Сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.“ – му напишал македонскиот револуционерен поет Коле Неделковски на 18 мај 1940 година на д-р Сергеј Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живее и работи во градот Елена, Бугарија. Ова писмо Неделковски му го пратил на Сергеј во името на Македонскиот литературен кружок, како негов член, откако ја открил во Народната библиотека во Софија заборавената книга на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Починат е на денешен ден, на 2 септември 1941 година во инцидент со бугарската полиција во околности, сѐ уште неразјаснети до крај: скокајќи сам од прозорецот на зградата каде што живеел, или можеби бил фрлен долу.

Европска комисија: Остануваат правилата за влез и излез во Шенген за превозниците од Западен Балкан

Од Европската комисија информираа дека остануваат правилата за влез и излез на транспортерите од Западан Балкан во Шенген зоната, односно тие може да престојуваат 90 дена во рок од 180 денови.

To top