Регион

Една жена загина и 16 лица се повредени, откако влета автомобил во во толпа на „Парадата на гордоста“ во Берлин

Една жена загина, а 16 лица се повредени, од кои некои се во критична состојба, откако напаѓач со автомобил влета во толпа луѓе за време на Парадата на гордоста во Берлин. Полицијата соопшти дека го идентификувала осомничениот, кој ѝ е познат на полицијата и се поврзува со исламистичката сцена во германската престолнина.

Според првичните информации, бел автомобил удрил во повеќе лица во берлинскиот парк Тиргартен, по што се забил во дрво. Возачот потоа го напуштил возилото и побегнал во непознат правец. Полицијата го идентификувала осомничениот за нападот и соопшти дека против него се преземаат интензивни мерки, но тој сè уште не е уапсен. „Го идентификувавме осомничениот сторител. Преземаме мерки за негово пронаоѓање. Тој ѝ е познат на полицијата како припадник на исламистичката сцена во Берлин“, изјави полициски портпарол на местото на настанот.

Полицијата трага по 21-годишниот Абдул Б. Властите предупредуваат дека може да биде вооружен и опасен. Во меѓувреме, полицијата истражува дали нападот се состоел од повеќе фази, односно дали по излегувањето од автомобилот напаѓачот нападнал луѓе и со остар предмет. „Сведоци ни кажаа дека на местото има лица со убодни рани. Тоа е дел од истрагата што моментално ја спроведуваме“, изјави портпаролот Флоријан Нат.


Според германските медиуми, во нападот загинала една жена. Портпаролот на берлинската противпожарна служба, Доминик Прец, изјави дека тројца од 16-те повредени се во животна опасност, осум лица се здобиле со тешки повреди, а петмина со полесни. На местото на трагедијата биле распоредени најмалку десет возила на Итната медицинска помош, додека полицијата го обезбедувала поширокото подрачје на паркот.

По инцидентот беше откажана завршната програма на берлинската Парада на гордоста, вклучително и концертите, а организаторите ги повикаа учесниците да се разотидат. Според полицијата, на овогодишната „Парада на гордоста“ во Берлин присуствувале најмалку неколку стотици илјади луѓе.

Градоначалникот на Берлин Кај Вегнер, го опиша нападот како „напад врз нашето слободно и отворено општество“. Во соопштение од германската влада се наведува дека канцеларот Фридрих Мерц и министерот за внатрешни работи ќе направат сè за целосно да се расветли овој напад и сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

Најнови вести од: Регион

Словенија се откажува од „деветолетката“, по лошите податоци од ПИСА

Дури 40 проценти од учениците наведуваат дека нивните врсници на часовите не ги слушаат наставниците, 22 проценти истакнуваат дека дигиталните уреди зачестено ги попречуваат во следењето на наставата, додека 48 проценти од учениците користат алатки за вештачка интелигенција за изработка на училишните задачи.

„Корча плус“: Општина Пустец заборавена и во беда, жителите бараат конкретни инвестиции!

Жителите на Пустец со години чекаат подобра инфраструктура. Иако Преспа има огромен природен и туристички потенцијал, состојбата со патиштата и понатаму останува еден од најголемите проблеми за локалното население, објави албанскиот медиум „Корча плус“, пренесува весникот „Илинден”.

Шефовите на ЕУ со осуда за Србија за погребот на воениот злосторник Младиќ на кој присуствуваа и државници

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, денеска остро реагираа на присуството на високи српски функционери и елементите на официјална поддршка на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград.

To top