Македонија

Основен суд Струга му го врати пасошот на бизнисменот Борче Марковски

Гаранција од над пет милиони евра

Битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија, Борче Марковски, денеска бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка што би го спречила да ја премине границата.

Марковски поседува компании и друг имот во Србија. Враќањето на пасошот не е првата контроверзија поврзана со судскиот процес против него, со оглед на тоа што Судскиот совет претходно констатирал дека во Основниот суд Битола бил составен „посакуван кривичен совет“ за тој да излезе од притвор.

Официјален став за излегувањето на Марковски од земјава беше побаран од Министерството за внатрешни работи. Од МВР посочија дека мерките за забрана за напуштање на државата ги определува надлежен суд или друг орган, а полицијата постапува исклучиво по донесени и активни одлуки евидентирани во службените системи. Информации за влез и излез на лица, според законските процедури, МВР дава исклучиво по барање на надлежен државен орган или на самото лице.

Марковски и седум други лица се осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Иако опремата воопшто не се планирала за Битола, бил спроведен тендер и потпишан договор во висина од околу 1,7 милиони евра. Компанијата „Марковски компани“ ги демонтирала машините од Кичево, ги донела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на РЕК „Битола“.

Весникот „Независен“ објави дека Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на Марковски, а информацијата ја потврдил и претседателот на Судот, судијата Вулнет Винца.

„Пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над пет милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, изјави судијата Винца.

Неофицијално, Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Пецо Везироски.

Судењето, кое првично започна во Основниот суд во Битола, во меѓувреме беше префрлено во Основниот суд во Струга по одлука на Апелацискиот суд во Битола. Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено, а новиот почеток е закажан за 2 септември.

На 2 јануари годинава Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице, меѓу кои и Борче Марковски, поради злоупотреби на јавни набавки во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека тендерот бил спроведен со предимензионирани услови, со што била фаворизирана „Марковски компани“ како единствен понудувач. Компанијата наплатила средства врз основа на невистинита документација за наводно завршени работи, иако дел од опремата не била монтирана.

Со меѓународна правна помош, Обвинителството обезбедило 1,2 милион евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, а замрзнат е и дел од имотот на компанијата.

Најнови вести од: Македонија

МВР со акција за поголема безбедност во сообраќајот

Министерството најавува дека ќе продолжи со засилените сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, а до сите учесници упати апел доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Санџак Курт е нов генерален директор на Лимак Скопје

Назначувањето на Санџак Курт е природно продолжување на развојниот пат на Лимак Скопје и ја потврдува определбата на компанијата за континуитет во управувањето, натамошен развој на инвестициите и градење долгорочни партнерства засновани на доверба, професионалност и заеднички успех.

Тетовец реагира за сообраќајниот хаос во Тетово: Градот е заложник на возила со швајцарски, германски и италијански регистарски таблички!

Тетовецот Бошко Видоески преку објава на општествените мрежи реагираше на, како што наведува, сообраќајниот хаос и нарушениот јавен ред во Тетово за време на летниот период. Тој оценува дека градот е „заложник на возила со швајцарски, германски и италијански регистарски таблички“, обвинувајќи дека дел од возачите непрописно паркираат, создаваат бучава, турираат, се тркаат и го нарушуваат мирот на граѓаните.

To top