Македонија

Земјоделците, откупувачите и преработувачите се договорија: откуп на „ајварката“ од прва класа по 40 денари за килограм

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес од Струмица соопшти дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка.

Според договореното, ајварската пиперка ќе се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, по известувањето на откупните центри од страна на преработувачите. Министерот информираше дека договорот е резултат на повеќедневни средби и разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите. Во процесот беше вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи, а на состаноците беа разгледани сите расположливи информации, состојбите на теренот и ставовите на засегнатите страни.

– Процесот беше макотрпен, но дојдовме до заедничко решение за цената на пиперката. Земјоделците заслужуваат вложениот труд да им биде вреднуван и навремено исплатен по завршувањето на бербата – нагласи министерот Серафимовски. Тој упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува.

Министерот ги повика земјоделците правилно да го пријавуваат и предаваат својот род во откупните центри, во согласност со утврдените класификации. – Цената мора да се утврдува врз основа на квалитетот што го нудат производителите. Квалитетот треба да биде оценет според јасни критериуми, а земјоделците да ја добијат соодветната договорена цена – додаде министерот Серафимовски.

Во процесот беа вклучени и градоначалниците на општините Струмица и Босилово, со кои Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство одржуваше континуирана комуникација за поддршка на земјоделците и изнаоѓање прифатливо решение. Министерот Серафимовски најави дека по завршувањето на бербата, во текот на октомври и ноември, ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни за воспоставување трајни системски решенија.

Тие треба да опфатат единствена методологија за класификација на пиперката, прецизни рокови за исплата на предадените производи и дополнителна сигурност за земјоделското производство. – Овие состојби не треба да се повторуваат секоја година. Потребни се законски и системски решенија со кои земјоделците ќе имаат сигурност во производството, откупот и исплатата – истакна министерот Серафимовски.

Најнови вести од: Македонија

Муцунски со порака до Брисел: Проширувањето на ЕУ е инвестиција во сопствената безбедност

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само инвестиција во стабилноста на регионот, туку и стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

(Фото): Во Македонија една третина од смртните случаи се од кардиоваскуларни заболувања

Од кардиоваскуларни заболувања минатата година во земјава починале 6.888 лица, а овие заболувања учествуваат со 34 отсто во вкупниот морталитет. Со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност.

To top