Свет

Тајланд и Камбоџа договорија итен и безусловен прекин на огнот

Под притисок на САД

Лидерите на Тајланд и Камбоџа, со посредувањето на Малезија и под притисок од САД и од Кина, во понеделникот на 28 јули 2025 година се согласија на итен и безусловен прекин на огнот, кој стапи на сила од полноќ. Тајландскиот премиер Пумтам Вечејачаи и камбоџанскиот премиер Хун Манет ја поздравија одлуката како „многу значаен чекор кон деескалација на најкрвавите судири во регионот во последните децении“.

„Ова е клучен прв чекор кон деескалација и враќање на мирот и нa безбедноста“, рече малезискиот премиер Анвар Ибрахим.

Овој договор беше постигнат по петдневни жестоки конфронтации на границата, кои започнаа со инцидент на минирано воено поле. Уследија артилериски, ракетни и воздушни напади од двете страни. Според официјалните извори, најмалку 35 лица загинаа а преку 260.000 лица беа раселени.

Камбоџа и Тајланд делат копнена граница од 817 километри, во голема мера дефинирана со колонијални мапи нацртани од француските окупатори, кога владееле со Камбоџа од 1863 до 1953 година. Мапа од 1907 година ја исцртува границата по природната линија на вода, но Тајланд ја оспори картата бидејќи храмот Преах Вихер од 11 век беше прикажан како дел од територијата на Камбоџа.

Спорот околу границата и разликите во картографските методи доведоа до конфликти. Обиди за демаркација на границата се правеа со текот на годините. Во 1959 година, Камбоџа го тужеше Тајланд пред Меѓународниот суд на правдата, поради храмот Преах Вихер, а судот пресуди во корист на Камбоџа во 1962 година. Тајланд ја прифати пресудата, но тврдеше дека околните области остануваат спорни, што дополнително ја комплицираше границата.

Тензиите се зголемија во 2008 година кога Камбоџа побара статус на светско наследство на УНЕСКО за Преах Вихер. Откако храмот доби признание во јули, избувнаа судири меѓу камбоџанската и тајландската армија во пограничната област. Судирите траеја со години, кулминирајќи во 2011 година, со раселување на околу 36.000 луѓе и со нова жалба до Меѓународниот суд на правдата во 2013 година, кој повторно ја потврди одлуката.

Тајланд, во исто време, инсистираше на билатерален пристап за решавање на спорот, формирајќи ја Заедничката комисија за демаркација во 2000 година. Камбоџа учествуваше во работата на комисијата, но состаноците, вклучително и оној во јуни 2025 година, не дадоа никакви значајни резултати.

 

Најнови вести од: Свет

To top