Лица вооружени со огнено оружје биле пронајдени во зоната на строга заштита на Националниот парк Пелистер. Тие се откриени откако ренџерите и полицијата од СВР Битола организирале ноќна акција на тешко достапен терен на над 2.000 метри надморска височина.
Од Националниот парк велат дека токму делот за строга заштита е многу често цел за незаконити активности, бидејќи нема доволно надзор.
Лицата кои имале оружје а кои минатава недела биле фатени се ловци.
Од Националниот парк Пелистер велат дека теренот на кој се одвивала потрагата е тешко достапен и тежок за контрола на ренџерската служба бидејќи нема соодветна инфраструктура за редовни патролни активности.
Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“ заедно со полицијата морале повеќе од три часа да се движат во мрак по непристапен терен на планината на надморска височина од 2000 метри за да ги откријат лицата со огнено оружје кои противзаконски влегле во строго заштитената зона во паркот.
Шумските патишта кои според сите стратешки документи на НП Пелистер требало да бидат клучни артерии за заштита на природата и противпожарна заштита и контрола на ренџерска служба за жал полека пропаѓаат.
,,Тие се високо на агендата на активности на НП Пелистер и веќе се работи на нивно опоравување“, велат од НП Пелистер.
Фото НП Пелистер