Бројот на луѓе заразени со вирусот на западно-нилска треска нагло расте во Грција. Од почетокот на годината се регистрирани 157 случаи, а 13 лица починале, објавија грчките здравствени власти. Според податоците од грчкиот институт за јавно здравје ЕОДИ, бројот на случаи се зголемил речиси четири пати за само неколку недели. На крајот на јули беа пријавени 42 случаи.
Повеќето случаи се откриени во пошироката област на Атина. Некои пациенти развиле тешки форми на болеста кои влијаат на централниот нервен систем, вклучувајќи енцефалитис, менингитис и други невролошки компликации.
Повеќето заразени лица од вирусот кј го пренесуваат комарци, немаат никакви симптоми или развиваат само благи симптоми, додека тешките форми на болеста најчесто се јавуваат кај постари лица и лица со претходно постоечки болести.
Други делови од јужна Европа, исто така, пријавуваат зголемување на бројот на инфекции, поради што Светската здравствена организација повика на зголемена претпазливост.