Бојкотот на граничниот премин Табановце, кој дел од српските туристи го најавија налутени поради наплатата на сообраќајните казни во Македонија, брзо се судри со балканската реалност. Додека на социјалните мрежи се ширеа пораки „од сега само преку Бугарија“, на преминот Градина – Калотина меѓу Србија и Бугарија во изминатите денови се создадоа огромни колони, анализира Плус инфо.
На 20 и 21 август сервисите за следење на границите во одредени периоди регистрираа повеќечасовни задржувања, а во еден момент во правецот од Бугарија кон Србија проценката достигна дури околу 15 часа. Денес состојбата е значително подобра, но епизодата покажа колку е несигурна идејата дека патот преку Бугарија автоматски значи побрзо патување до Грција.
Бугарија не е рај за бесните возачи
Револтот почна на Табановце, откако македонскиот систем „Безбеден град“ почна практично да ги наплаќа и прекршоците направени со автомобили со странски регистарски таблички. Возачите кои камерите ги снимиле како возат пребрзо или минуваат на црвено, се идентификуваат при излез од земјата и се упатуваат да ја регулираат казната. Првите денови тоа создаде километарски колони и повеќечасовно чекање. Дел од српските туристи реагираа со повици Македонија да се заобиколува и до Грција да се патува преку Бугарија.
Проблемот со таквиот „бојкот“ е што Бугарија воопшто не е земја во која странски возач може безгрижно да ја притисне педалата за гас. Напротив, таа одамна има автоматизирани камери и електронски казни, а само во првите три месеци од 2026 година бугарската полиција издала 684.740 електронски казни за брзина и уште 32.971 казна врз основа на мерење на просечната брзина. Од 1 јануари годинава Бугарија е и членка на еврозоната.
Слична слика со долги колони летово има и на северната српска граница кон Унгарија. На Хоргош во текот на август во повеќе наврати се чекаше од десетици минути до повеќе часа, а актуелните сервиси за следење на границите исто така бележат значителни задржувања. На социјалните мрежи кружат и објави за возачи кои на унгарската граница регулираат сообраќајни казни, но за разлика од случајот со Табановце, нема доволно кредибилни податоци дека токму наплатата на казните е главната причина за сегашните колони на Хоргош. Таму во август традиционално има огромен туристички притисок.
Колкави се казните во Македонија, во Србија и во Бугарија?
А колку всушност чини пребрзото возење?
Во Македонија, во населено место пречекорување до 10 километри на час се казнува со 10 евра, а од над 10 до 30 км/ч со 45 евра. Ако возачот ја надмине дозволената брзина за повеќе од 30 до 50 км/ч, казната скока на 300 евра, а над 50 км/ч на 400 евра, со можност и за забрана за управување. Надвор од населено место казната за пречекорување од над 30 до 50 км/ч е 45 евра, од над 50 до 70 км/ч е 300 евра, а над 70 км/ч – 400 евра.
Србија воопшто не е поблага кон брзите возачи. За пречекорување од над 10 до 20 км/ч казната е 43 евра. За повеќе од 20 до 30 км/ч во населено место, односно до 40 км/ч надвор од населено место, казната е 85 евра. За 30 до 50 км/ч над дозволеното во населено место, односно 40 до 60 км/ч надвор од населено место, казната е од 85 до 170 евра.
За уште поголема брзина српските санкции стануваат многу посериозни. Возење со повеќе од 50 до 70 км/ч над ограничувањето во населено место, или повеќе од 60 до 80 км/ч надвор од населено место, носи казна од 170 до 340 евра, а законот предвидува и други санкции. За најтешките случаи може да следуваат казнени поени, забрана за управување, па и затвор. Со други зборови, српски возач кој бара „поблага“ држава од Македонија не мора да оди далеку – доволно е да ги прочита прописите во сопствената земја.
Во Бугарија казните за пребрзо возење се споредливи со македонските, а кај потешките прекршоци можат да бидат и многу високи. Во населено место, за брзина до 10 км/ч над дозволената казната е околу 10 евра, за 11 до 20 км/ч – околу 26 евра, а за 21 до 30 км/ч – околу 51 евро. Ако возачот ја пречекори дозволената брзина за 31 до 40 км/ч, казната скока на околу 205 евра. За повеќе од 40 км/ч над дозволеното се плаќа околу 307 евра и следува забрана за возење два месеца, а за повеќе од 50 км/ч – околу 358 евра и забрана за возење три месеца. За секои дополнителни 5 км/ч над ова пречекорување казната дополнително се зголемува за околу 26 евра.
Надвор од населено место казните се нешто пониски: околу 10 евра за пречекорување до 10 км/ч, 26 евра за 11 до 20 км/ч и 51 евро за 21 до 30 км/ч. За пречекорување од 31 до 40 км/ч казната е околу 153 евра, а за 41 до 50 км/ч – околу 205 евра. Возење со повеќе од 50 км/ч над дозволената брзина чини најмалку 307 евра, следува и тримесечна забрана за возење, а казната дополнително расте за секои следни 5 км/ч. Значи, турист кој ја заобиколува Македонија за да не биде казнет за брзо возење воопшто не влегува во земја со поблаги правила – и во Бугарија камерите работат, а сериозното пречекорување на брзината може да го чини неколку стотици евра.
А како се плаќаат казните?
Разлика има во начинот на наплата. Македонија, по хаосот на Табановце, експресно пушти веб-апликација „Безбеден град“ за автомобили со странски таблички. Странецот ја скенира или ја фотографира патната исправа, ја внесува регистрацијата и може да провери дали системот евидентирал прекршок, да го види прекршочниот платен налог и електронски да ја плати глобата. Токму ова треба да спречи возачите дури на граница да дознаваат дека должат пари. За неплатен прекршок возачот може да биде задржан во постапката и упатен на забрзана прекршочна процедура.
И Србија има механизам што важи за странци. Српскиот Закон за прекршоци изречно предвидува во прекршочниот налог за странец да се внесуваат бројот на пасошот или личната карта. Кога против лице кое нема постојано живеалиште во Србија се води прекршочна постапка и постои опасност да ја напушти земјата, судот може да бара гаранција до висината на максималната предвидена казна и трошоците на постапката. Значи, ниту македонски турист фатен во прекршок во Србија нема никакво право да очекува дека странските таблички му обезбедуваат имунитет.
Во Бугарија казните од камерите се издаваат како електронски фишови, а МВР овозможува проверка и електронско плаќање на обврските; плаќањето е можно и преку ПОС-терминали и банкарски трансфер. Фактот дека бугарската гранична полиција има ПОС-терминали за плаќање сообраќајни казни на граничните премини дополнително покажува колку е погрешна претпоставката дека промената на рутата значи и бегство од санкциите.
На крајот правилото е многу поедноставно од сите туристички „бојкоти“: српски возач во Македонија, македонски возач во Србија или кој било странец во Бугарија мора да ги почитува прописите на државата низ која вози. Регистарската табличка не е дипломатски пасош.