Поранешниот функционер на СДСМ, Васко Кичевски, упати критики до општина Центар за конкурсот за изградба на зграда за потребите на општина Центар.
Во објава на Фејсбук насловена „Гледам и не ми се верува“ тој реагира на новиот конкурс за изградба на зграда за потребите на Општина Центар со потсетување дека во 2011 и 2012 година ОО СДСМ Центар протестираше против вакви урбанистички решенија и го блокираше Советот.
Тогаш пораката беше јасна. Центар е презграден, јавниот простор мора да се штити, а зеленилото не смее да биде последно.
„Денес, очигледно, принципите траат пократко од интересите.
Никој не спори дека Општина Центар треба да има функционален и современ објект. Треба. Но прашањето е каков објект и по која цена за просторот околу него.
На ова место му доликува ниска, ненаметлива зграда, вклопена во околината. Подземна гаража која ќе го реши проблемот со паркирањето. Над неа голема зелена површина, дрвја, тревник и простор кој ќе остане отворен за луѓето, а не уште една масивна зграда“, вели Кичевски и додава дека просторот околу Општина Центар е еден од ретките убави и отворени јавни простори. Токму затоа треба да се зачува. Архитектурата тука треба да му служи на просторот, а не да го проголта.
„Скопје веќе има доволно примери каде секој слободен квадрат се гледа како можност за нов бетон.
Општинска зграда треба да биде пример како јавниот интерес се става пред квадратурата. Како се планира зеленило. Како се решава паркирање под земја. Како се остава простор за граѓаните.
Ако веќе се прави нов објект, нека биде проект со кој Центар ќе покаже како треба да изгледа современо урбано планирање.
Мала зграда. Голем парк. Подземна гаража.
Толку едноставно“, пишува тој.