Од ММА и МРТ велат дека имаат материјални докази дека спортските канали Арена M1, M2 и M3 премиум подолг период работат без домашна дозвола, а македонскиот регулатор АВМУ „на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик“.
- „Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ каналите Арена M1, M2 и M3 премиум не постојат што значи не се домицилни, српски канали. Истовремено, во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик! ММА и МРТ бараат органите на истрагата како и референтните институциите да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање на лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ сервисите како и кај службениците на АВМУ. Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права позната како ТВ пиратерија. За жал долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот како што се Хрватска, Албанија, Босна и Србија бараме кончено да влезе во радарот на македонскиот регулатор“, велат од ММА и МРТ.
Оттаму додаваат дека нема да дозволат истиот модел на евентуалното изигрување на законот да биде применет и за најавениот Јуроњуз Македонија, односно АВМУ да го третира како странски сервис на начин сличен на Арена премиум каналите, „како што најавуваат нивните сопственици и структури од Белград“.
- „Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило. ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ“, велат од ММА и МРТ.