Голем пожар попладнево изби во атарот на село Макази, Општина Ресен, истовремено на најмалку две локации, а поради опасноста од негово ширење кон Националниот парк „Пелистер“ ангажирани се Ер-трактори и дополнителни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, постојат индиции дека пожарот е намерно подметнат.
Огнот избувнал на најмалку две локации во овоштарници со јаболка, а потоа се појавила подолга огнена линија, соопшти Ангелов.
„Денес попладне изби тежок пожар во атарот на село Макази, Општина Ресен. Пожарот започна покрај неколку овоштарници со јаболка, на најмалку две локации истовремено. Додека пожарникарите се обидувале да го стават под контрола, се појавил оган подалеку од таму, и тоа подолга огнена линија, што укажува на тоа дека овој пожар е намерно подметнат#, информираше Ангелов.
На терен се и два огнени тима со „пинцгауери“ на ДЗС, кои им помагаат на пожарникарите од Ресен, додека се бара можност за пресекување на пожарот од горната страна, во насока на Националниот парк.
„Исто така, веднаш наредив да дојдат два огнени тима со Пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување. Истите се овде и им помагаат на пожарникарите од Ресен огнот да не се движи преку асфалтираниот пат. Истовремено бараме пат каде што ќе го пресечеме од горната страна, во насока на Националниот парк Пелисте“, додаде Ангелов.
„ На лице место е и директорот на Националниот парк Пелистер, којшто веќе ангажираше механизација, со којашто ќе се обидеме да направиме противпожарни пресеки помеѓу линијата на огнот и Националниот парк Пелистер, бидејќи доколку овој пожар продолжи да се шири низ шумата, има опасност да ги зафати боровите насади, а потоа ќе имаме тежок проблем со неговото гаснење“, информираше Ангелов.
Како што кажа, во текот на денот се регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор, при што дождот што паднал на некои места не придонел значително за намалување на опасноста.