Велјановски посочи дека ДЗР утврдил оти првата и втората фаза од железничкиот Коридор 8 не биле завршени, а државата во меѓувреме платила 4,6 милиони евра провизии за неповлечени средства. „ДЗР констатирал неефикасно управување со овие стратешки проекти. Со тоа, проектот доцнел со години, а граѓаните плаќале милионски провизии, а не добиле никаков инфраструктурен резултат“, изјави Велјановски.
Тој дополнително истакна дека во ревизорскиот извештај бил посочен и ризик од губење на 61 милион евра ИПА грант наменет за третата фаза од железничкиот Коридор 8. Според пратеникот, наодите на ДЗР не треба да останат само на хартија, туку треба да бидат предмет на институционална проверка.
Велјановски побара од Јавното обвинителство да го разгледа извештајот на ДЗР и да утврди како настанале трошоците од 4,6 милиони евра, кои лица биле одговорни за доцнењето на проектот и дали со нивното постапување или непостапување е предизвикана штета за државата. „Ова е само дел од владеењето на СДС и ДУИ, кои ние денес го плаќаме на различни начини. Не сме исти. Разликата е евидентна“, порача Велјановски.