Силјановска-Давкова била надворешна членка на Уставната комисија што го подготвувала документот и, како што рече, учествувала во долгите, посветени и страсни дебати во рамките на Комисијата.
– Таков состав, чинам, нема да се повтори. Во прашање беа, како што велат Американците, татковци и мајки основачи, убедени дека се на вистинското место во вистинското време, со големи идеали за демократијата, за либералната демократија, за слободите и правата на човекот и граѓанинот, решени да создадат закон над законите, Устав по мерка на европските. И затоа сите ги упатувам на една публикација на Советот на Европа од 1996 година, со наслов „Повторното раѓање на демократијата“, во која е сместен и нашиот Устав – рече Силјановска-Давкова.
Според неа, она што го прави посебен овој Устав е тоа што почнува со темелните вредности на уставниот поредок, а најголемиот број членови се посветени на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Додаде дека во дискусијата ќе ги изнесе своите забелешки, но нагласи дека за 32 години Уставот доживеал дури 36 амандмани и дека земјата е рекордер по бројот на уставни измени.
– За 32 години, или за три децении, нашиот Устав доживеа дури 36 амандмани. Во компаративното уставно право ние сме рекордери по бројот на измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа, основното прашање е: ако Уставот е основен извор на уставноправната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува? – рече претседателката.
Во 15 случаи измените на Уставот биле иницирани одвнатре, додека во 21 случај, како што нагласи Силјановска-Давкова, посредувала меѓународната заедница. Според неа, за тоа треба сериозно да се размисли.
– Сите устави обично почнуваат со „We the people“ – „Ние, народот“. Кај нас можеби треба да стои „Ние, народот и меѓународната заедница“. Не го кажувам ова цинично, но мислам дека навистина треба сериозно да размислиме – нагласи шефицата на државата.
Сиљановска-Давкова потсети дека 15 од вкупно 36 уставни амандмани биле иницирани одвнатре за да се надминат уставните пречки што се појавиле. Таа го повика претседателот на Собранието почесто да ја свикува Уставната комисија и во нејзината работа да вклучи и надворешни експерти, за Комисијата континуирано да го анализира спроведувањето на Уставот и да ги утврдува проблемите во уставниот поредок.
– Не да се состануваме само кога однадвор ќе треба да посегнеме по уставни измени, туку да видиме каде се појавиле проблеми, а има многу – рече Силјановска-Давкова, додавајќи дека во дебатата ќе зборува за низа прашања за кои смета дека сè уште се отворени.
Силјановска-Давкова зборуваше и за принципите и вредностите на Европската Унија, потсетувајќи дека ЕУ нема кодифициран устав во еден акт, но ги има Договорот за Европската Унија, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права и пресудите на Судот во Луксембург.
– И во нив убаво пишува дека ЕУ ќе ја почитува еднаквоста на државите, нивниот културен и национален идентитет и нивните уставни и политички структури. ЕУ ќе ги поттикнува договорите со соседите засновани врз начелото на реципроцитет, како што е предвидено во член 8. ЕУ го предвидела и членот 7, кој вели дека доколку не се почитуваат принципите и вредностите на ЕУ, една третина од државите, една третина од пратениците или самата Европска комисија може да покрене постапка пред Европскиот совет за ограничување на правата при одлучувањето на државата што ги крши тие принципи и вредности. Не го говорам ова за да кажам дека, кога се наоѓаме пред уште едно барање за уставна измена, треба „со рака што трепери“ добро да размислиме. Го говорам за да нагласам дека уставната демократија е многу важна и дека уставите не се обични документи. Вие, пратениците, не нè претставувате нас, туку ги претставувате граѓаните и гласате според сопственото уверување. Јас имам голем проблем да барам од вас да го смените Уставот – рече претседателката.
Силјановска-Давкова посочи дека Уставот е закон над законите, односно лекс супериор, но и најважниот општествен договор меѓу граѓаните, повикувајќи се на Жан-Жак Русо и неговото дело „Општествениот договор“.
– Зошто на граѓаните? Бидејќи тие се извор на суверенитетот на државата. Од нив извира суверенитетот и ним им припаѓа. Значи, Уставот од 1991 година за пратениците со кои соработував сигурно беше најцврстиот правен и политички темел на државата и, како таков, основниот и најважниот извор на уставното право. Затоа, да не забораваме, во Уставот се колнат највисоките носители на власта, секогаш и секаде – рече таа.
Силјановска-Давкова потсети дека Уставот од 17 ноември 1991 година бил донесен со 92 гласа „за“ и 22 гласа „против“. Додаде дека веќе следната година, во 1992 година, „уште неисушено мастилото“, биле усвоени првите два амандмана.
– Барањето дојде однадвор. Ние, правниците, тоа го нарекуваме наметнати промени – рече претседателката.
– Само да потсетам, Бадентеровата комисија, формирана тогаш од Европската заедница, ги анализираше уставите на новонастанатите држави од поранешна Југославија. И што рече? Дека Уставот на Словенија и Уставот на Македонија, низ призмата на слободите и правата и на поделбата на власта, ги исполнуваат условите. Комисијата препорача овие две држави да бидат признаени – потсети Силјановска-Давкова.
Во говорот таа се повика и на белгискиот професор по уставно право Пјер Вини, според кого во Уставот треба да се интервенира многу ретко, а кога се интервенира, тоа треба да се прави „со рака што трепери“, не од страв, туку од одговорност и почит.
Поздравни обраќања на настанот имаа и директорот на Државниот архив Димитар Богески и директорот на ЈНУ Институт за национална историја, проф. д-р Митко Панов. Симпозиумот го отвори претседателот на Собранието Африм Гаши, пренесува МИА.