Затвореник избегал од затворот во Серес, во северна Грција, откако соучесници облечени како полицајци ги разоружаа затворските чувари и го извлекоа од возилото за транспорт на затвореници, јавува грчката телевизија ЕРТ. Инцидентот се случи во петокот, пред полноќта, откако надворешни затворски чувари од затворот „Нигрита“ префрлаа тројца затвореници до психијатриското одделение на Општата болница во Серес. Во болничкиот двор, во близина на психијатриското одделение, затворското возило било пресретнато од соучесници кои пристигнале со возила опремени со ротациони светла. Тие биле маскирани со униформи на специјалните полициски сили (ОПКЕ).
Вооружените напаѓачи со закана со пиштол ги неутрализирале и ги разоружале двајцата затворски чувари што биле во придружба, одземајќи му го и службеното оружје на едниот од нив. Групата веднаш побегнала од местото на настанот со возилата во непознат правец. Грчките медиуми пренесуваат дека станува збор за опасен криминалец осуден за шверц на дрога и оружје. Тој претходно бил уапсен под сомнение за вмешаност во обид за убиство во Солун, каде во бел ден пукал кон полицијата.
Полицијата веднаш започна масовна акција и ги блокираше излезите од земјата, а известен е и Интерпол. Во меѓувреме беа пронајдени возилата кои се верува дека се користени за бегството. Едно пикап возило со лажни регистарски таблички беше пронајдено удрило на земјен пат во близина на болницата, а во него полицијата откри автоматска пушка Калашников и муниција. Второто возило, кое најверојатно служело за трансфер, било пронајдено целосно запаленово близина на езерото Волви.