Половина од возрасното население во Македонија пуши, при што 48,1% пушат секојдневно, покажуваат податоците од националното истражување спроведено од организацијата „Аналитика“.
Истражувањето, во кое беа опфатени 1.065 возрасни лица, укажува на тоа дека стапката на секојдневно пушење е зголемена од 43% на 48,1 проценти.
Речиси секој четврти пушач консумира повеќе од 20 цигари дневно и спаѓа во категоријата тешки пушачи, додека околу 40 проценти пушат меѓу 10 и 20 цигари дневно. Загрижувачки се и податоците за младите, според кои 17 отсто од малолетниците користат класични цигари или цигари со загреан тутун.
Покрај здравствените последици, истражувањето ја покажува и финансиската цена на пушењето. Според министерот за здравство Сашо Клековски, просечниот пушач годишно издвојува повеќе од 600 евра за цигари, што е повеќе од годишниот износ што се издвојува за здравствено осигурување.
Во однос на законската регулатива за пушењето – која моментално е во застој во собраниската процедура – министерот за здравство Сашо Клековски ја нагласува важноста од контролирање на продажбата на тутунски производи на малолетници.
Тој посочува дека, според извештаите, на повеќе од две третини од малолетниците не им била одбиена продажбата кога се обиделе да купат цигари.