Македонија

Министерката Божиновска на презентацијата на новиот болид на MES Racing: Македонија има иднина во младите

Поддршката за младите инженери продолжува

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска присуствуваше на официјалната презентација на новиот болид на MES Racing – македонскиот Formula Student тим составен од млади инженери и студенти кои во текот на изминатата година посветено работеа на неговиот развој.

Настанот се одржа во амфитеатарот на Машинскиот факултет во Скопје. Тимот ги претстави резултатите од изминатата сезона, процесот на работа и новиот болид, по што следуваше и демонстративно возење.

За министерката Божиновска, ваквите проекти претставуваат најдобар пример дека Македонија располага со млади луѓе кои поседуваат знаење, амбиција и капацитет да создаваат сложени инженерски решенија и успешно да се натпреваруваат на меѓународната сцена.

„Македонија има иднина. А нејзината иднина се младите. Денес видовме што се случува кога знаењето, идеите, храброста и истрајноста ќе добијат поддршка. Овој болид не е само технички производ – тој е резултат на знаење, тимска работа, посветеност и многу часови вложен труд на овие млади луѓе“, истакна министерката Божиновска.

Таа потенцираше дека инвестицијата во младите инженери, науката, техничкото знаење и иновациите претставува инвестиција во македонската економија и индустрија, бидејќи токму вакви кадри се неопходни за создавање современа, конкурентна и технолошки напредна економија.

„Како институции мораме да бидеме поддршка за младите кои создаваат. Нашата задача е да им помогнеме нивното знаење и идеи да добијат можност да се развиваат и да станат дел од реалниот индустриски и економски развој. Не смееме да дозволиме талентот да остане само потенцијал – треба да создадеме услови тој да се претвори во резултат“, порача Божиновска.

Особено значење има фактот што на проектот работат студенти од различни области, кои преку практична работа ги применуваат своите знаења од инженерството, машинството, електротехниката и други дисциплини, функционирајќи како вистински инженерски тим.

По завршувањето на презентацијата, министерката Божиновска доби благодарница од тимот MES Racing за досегашната поддршка.

„Јас, пак, им благодарам ним – затоа што покажуваат дека младите не се само иднината на Македонија. Тие се нејзиниот сегашен потенцијал. Продолжете да создавате, продолжете да поместувате граници. Македонија има потреба од вас“, порача министерката.

MES Racing е првиот и единствен македонски Formula Student тим. Преку своето учество на меѓународни натпревари, тимот ги претставува Македонија, македонското студентско инженерство и потенцијалот на младите инженери.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на поддршката на младите, науката, иновациите и инженерските иницијативи, како важен дел од создавањето нови знаења, современи технологии и кадри кои ќе ја движат македонската економија напред.

Најнови вести од: Македонија

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција

To top