Пазарот на недвижности во земјава во првата половина од 2026 година бележи умерен раст на активноста. Регистрирани се 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Од нив, 11.395 се купопродажби, а 4.731 се закупи. Вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, или 21,3 отсто повеќе од првата половина на 2025 година.
Најголем удел во купопродажбите имаат становите и земјоделското земјиште и шумите, додека становите се и категоријата со најголема вкупна вредност на реализираните трансакции. Истовремено, просечните цени на становите во повеќе општини бележат раст, а вкупниот износ на месечните закупнини е зголемен за 29,4 отсто.
Највисока постигната цена на стан по квадратен метар е регистрирана во Општина Центар и изнесува 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар. Станот бил со површина од 50 квадратни метри и купопродажна цена од 168.000 евра, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини.
Најголем број трансакции е регистриран во април – 2.902, додека најмал број е евидентиран во јануари, со 2.246 трансакзции.
Во првото полугодие од 2026 година во Регистарот се впишани 9.369 продажби на недвижности, 1.718 продажби од инвеститор, 281 откуп од државата и 27 продажби на лицитација. Најголем удел имаат становите со 3.746 купопродажби (32,9 отсто) и земјоделското земјиште и шумите со 3.703 купопродажби (32,5 отсто). Следуваат куќите со 1.424 (12,5 отсто) и градежното земјиште со 1.366 (12 отсто). Овие четири категории заедно сочинуваат околу 89,9 отсто од сите купопродажби.
Вкупната вредност на купопродажбите од 625,7 милиони евра е зголемување за 109,7 милиони евра во однос на 516 милиони евра во истиот период од 2025 година. Во споредба со 2024 година (446,9 милиони евра), растот е 40 отсто.
Најголема вредност е реализирана кај становите – 289,1 милиони евра. Потоа следуваат куќите со 101 милион евра, деловните простори со 98,3 милиони евра и градежното земјиште со 52,6 милиони евра. Најзначителен раст е забележан кај деловните простори – 80,7 отсто.
Меѓу општините, највисока вредност на купопродажбите е реализирана во Аеродром со 83,8 милиони евра (раст од 75 отсто), потоа во Центар со 78,3 милиони евра и Карпош со 62,8 милиони евра. Најголем процентуален раст е забележан во Гостивар (81 отсто), Куманово (77 отсто) и Аеродром и Гази Баба (по 75 отсто). Намалување е регистрирано во Струга, Тетово, Струмица и Кисела Вода.
Највисока цена на куќа е регистрирана во Карпош – 1,5 милиони евра, а највисока цена на деловен простор во Аеродром – речиси 6,8 милиони евра.
Просечната цена на становите од стара градба била највисока во Центар (1.547 евра/м²), Аеродром (1.532 евра) и Карпош (1.523 евра). Кај становите од инвеститори највисоки просечни цени се во Центар (1.712 евра), додека најниски се евидентирани во Струмица.