Гасификација, интерконектори, батериски системи, обновливи извори, енергетска ефикасност и модернизација на мрежата меѓу приоритетите – отворен простор за австриските технологии и инвестиции. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска се обрати на Македонско-австрискиот бизнис-форум за патна и енергетска инфраструктура, што се одржа во Стопанската комора на Македонија, во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria.
Пред претставници на австриски компании, македонскиот бизнис-сектор и институциите, министерката ги претстави стратешките приоритети на државата во енергетиката, тековните и планираните проекти, како и конкретните можности за учество на меѓународни компании во трансформацијата на енергетскиот систем.
- „Нашата цел не е само да имаме повеќе производство од обновливи извори. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем кој може сигурно да ја прими, складира, пренесе и искористи таа енергија. За тоа ни се потребни инвестиции, технологии, инженерско знаење и силни меѓународни партнери“, истакна Божиновска.
Модернизацијата и проширувањето на енергетската инфраструктура се клучен столб на новиот инвестициски циклус. Посебно место во приоритетите има складирањето на енергија, како клучна инфраструктура за систем со сè поголем удел на сончева и ветерна енергија.
Министерката ги посочи инвестициите во преносната мрежа, дигитализацијата, зголемувањето на капацитетите за приклучување и регионалните интерконекции, паралелно, земјата продолжува со гасификацијата и развојот на регионалната гасна инфраструктура.
- „Македонија работи на тоа да бидеме дел од европската енергетска инфраструктура“, порача Божиновска, посочувајќи ја важноста на интерконекторот со Грција, пристапот до нови извори и правци на снабдување, како и поврзувањето со Србија.

- „Австрија има компании, технологии и искуство што нам ни се потребни. Ние имаме пазар што се трансформира, конкретни проекти и значаен инвестициски потенцијал. Верувам дека комбинацијата на овие две нешта може да создаде нови партнерства“, истакна Божиновска.
- „За нас предвидливоста е една од најважните форми на сигурност за инвеститорите. Инвеститорот треба да знае кои се правилата, кои се условите, какви се инфраструктурните можности и како се движи постапката“, нагласи министерката.
Таа посочи дека Министерството продолжува со усогласување на законодавството со европската регулатива и со интеграција на македонскиот енергетски пазар со европскиот. Бизнис-форумот во Скопје доаѓа во континуитет со официјалната посета на Австрија во април годинава, кога владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во која беше и министерката Божиновска, разговараше со највисоките австриски институции и со претставници на деловната заедница.
Во Виена во фокусот беа економската соработка, енергетската сигурност и зајакнувањето на енергетската поврзаност, а беше отворен и простор за продлабочување на економските односи меѓу двете земји Денешната бизнис-мисија претставува продолжение на тој процес – од политички и економски разговори кон директно поврзување на компаниите Во рамки на бизнис-мисијата во Скопје престојуваат австриски компании кои имаат интерес за конкретни можности на македонскиот пазар.
Македонско-австрискиот бизнис-форум е организиран од Стопанската комора на Македонија и Трговското одделение при Австриската амбасада – Advantage Austria, со цел продлабочување на билатералната економска соработка и поврзување на австриски компании со македонските институции и бизнис-секторот.