Македонија

Ковачки му честита на Јахиј, ВРЕДИ одигра како тројански коњ, оцени Стојановска

Жалиме што ВРЕДИ не ја искористи оваа пригода за да покаже дека се поразлични од ДУИ, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатот на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, Аркин Јахиј, е победник на вонредните локални избори во Општина Брвеница и ќе биде нејзин градоначалник до наредните, за што доби честитка од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

„Би сакал да им честитам на противниците, коишто остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може, бројките се тие што се. Успеаја да донесат многу луѓе однадвор, кои не живеат тука, но гласаа за кандидатот на ДУИ“, изјави Ковачки од пред партискиот изборен штаб во Брвеница.

Претходно, пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, за ТВ Сител оцени дека владиниот коалициски партнер ВРЕДИ одиграл улога на тројански коњ.

„Јас не верувам дека ВРЕДИ е некој голем фактор во Општина Брвеница, тоа го покажаа и резултатите од првиот круг. Нашата партија и коалиција застана и работеше за нашиот кандидат Стојанчо Радичевски, а ВРЕДИ во првиот круг работеше за нивниот кандидат, а во вториот одлучи да му се приклучи на кандидатот на НАИ. Жалиме што ВРЕДИ не ја искористи оваа пригода за да покаже дека се различни од ДУИ. Како и СДСМ, и Левица, ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштркаа гласовите од гласачкиот базен“, изјави Стојановска.

Најнови вести од: Македонија

To top