Македонија

Мицкоски пред Атлантскиот совет ги претстави државните приоритетите

Стратешко партнерство, енергетика, инфраструктура и технологија

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Вашингтон, се обрати пред Атлантскиот совет. Таму ги претстави стратешките приоритети на Владата, позицијата на државата во регионот, партнерството со Соединетите Американски Држави, европската интеграција, како и плановите за економски, инфраструктурен, енергетски и технолошки развој.

Мицкоски истакна дека стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД е градено со децении и дека Владата има јасна определба дополнително да го продлабочува. Тој посочи дека Македонија е мала држава, но со исклучително значајна геостратешка позиција во срцето на Балканот – природна крстосница на важни европски транспортни и енергетски коридори.

Премиерот нагласи дека политиката на Владата се темели на предвидливост и исполнување на преземените обврски. Во тој контекст посочи дека државата има јасен план и во однос на обврските како членка на НАТО, вклучително и постепено зголемување на издвојувањата за одбраната, како и инвестиции во стратешката инфраструктура – автопати, железници и енергетски преносни системи.

Како еден од важните предизвици за иднината, Мицкоски ја посочи сајбер-безбедноста. Владата, како дел од реформската агенда со Европската Унија, планира развој на примарен дата-центар кој ќе ги поврзува јавните институции, ќе биде поврзан со постојниот секундарен центар за обновување на податоци и дополнително обезбеден преку клауд инфраструктура. Целта е државата да изгради посилен и поотпорен систем за заштита од современите сајбер-закани.

Мицкоски пред Атлантскиот совет ја претстави и развојната стратегија на Владата, која се темели на три меѓусебно поврзани столба – инфраструктура, енергетска инфраструктура и вештачка интелигенција и висока технологија.

Во делот на енергетиката, тој истакна дека амбицијата е Македонија да стане значајна енергетска и транзитна крстосница на Балканот. Интерконекторот кон Грција треба да овозможи поврзување со ЛНГ терминалот во Александрополис, додека со изградбата на интерконекторот кон Србија се создава можност овој енергетски правец да продолжи кон Централна Европа. Со завршувањето на двата проекти, според него, Македонија добива далеку поголемо регионално значење и можност да стане транзитна земја за снабдување со природен гас кон Централна Европа.

Премиерот се осврна и на инфраструктурните проекти, посочувајќи го значењето на Коридорите 8 и 10. Македонија се наоѓа на природната крстосница на овие два европски коридори – Коридорот 10 што го поврзува Медитеранот и Егејското Море со Централна Европа и Коридорот 8 што ги поврзува Јадранското и Јонското со Црното Море. Нивното значење, според него, не е само економско, туку и стратешко и безбедносно, особено за НАТО и за идната реконструкција на Украина.

Во однос на европската интеграција, Мицкоски нагласи дека Македонија останува целосно посветена на членството во Европската Унија, но дека процесот треба да биде заснован на реформи и заслуги, наместо на постојано отворање нови билатерални прашања. Тој потсети дека државата повеќе од две децении е на европскиот пат и дека граѓаните направиле бројни отстапки. Незадоволството, според него, произлегува од фактот што и покрај направените чекори повторно се соочуваат со дополнителни услови. Потребна е предвидливост и гаранција дека нема постојано да се отвораат нови билатерални услови.

Премиерот истакна дека додека Владата бара решение за европскиот пат, Македонија нема да чека во место, туку ќе продолжи да ја развива економијата, да спроведува реформи, да го зајакнува владеењето на правото, да привлекува странски директни инвестиции и да инвестира во високотехнолошка индустрија. Во тој контекст го посочи и економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал, оценувајќи дека Македонија е меѓу земјите со највисок раст во Европа.

Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да разговара со европските партнери и со САД за предизвиците со кои се соочува земјата и дека нема да се изолира или да се повлекува од разговорите. Стратешката определба останува јасна – продлабочување на сојузништвото и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и полноправно членство во Европската Унија.

Обраќањето пред Атлантскиот совет ја потврди позицијата на Македонија како НАТО-сојузник со јасна западна стратешка ориентација, но и како држава која сака сопствениот развој да го темели на конкретни проекти – модерна инфраструктура, енергетско поврзување, дигитална и сајбер-отпорност, инвестиции, вештачка интелигенција и висока технологија.

Најнови вести од: Македонија

250.000 евра грант од Шпанија за изградба на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование

Грант од 250.000 евра ќе биде почетната финансиска поддршка за подготовка на нов инфраструктурен проект на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Средствата ги обезбедува Шпанија преку Шпанската сметка за социјална кохезија, со која управува Развојната банка на Советот на Европа – ЦЕБ.

To top