Македонија

Писмо до Кос: Каде е правната основа за уставните измени?

Гоце Пероски бара одговори од еврокомесарката

Барањето за промена на Уставот не се појавува ниту во преговарачката рамка, ниту во Договорот со Бугарија од 2017 година, туку во Вториот билатерален протокол од 2022 година, се наведува во писмото до еврокомесарката Марта Кос од македонскиот активист од Германија Гоце Пероски.

Гоце Пероски е судски овластен преведувач и толкувач за македонски јазик во покраината Хесен. Во писмото до еврокомесарката за проширување тој постави неколку прашања за правната основа на условот Македонија да ги внесе Бугарите и припадниците на други народи во својот Устав.

Вчера во интервју за Бугарската национална телевизија, Кос изјави дека Македонија мора да ја исполни својата обврска и да ги внесе Бугарите во Уставот, при што посочи дека таа обврска била договорена меѓу Македонија и 27-те земји членки на Европската Унија.

Пероски во писмото бара од Кос да објасни на која правна основа се темели ова барање, посочувајќи дека по прегледот на релевантните документи не успеал да го најде условот ниту во преговарачката рамка за пристапните преговори, ниту во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година.

Според него, условот е формулиран во Вториот билатерален протокол од 17 јули 2022 година, чиј правен карактер во моментов е предмет на постапка пред Уставниот суд.

Пероски се повикува на Преговарачката рамка за пристапните преговори со Македонија, документ на Советот на ЕУ 11364/22 од 17 јули 2022 година. Во неа, како што наведува, не постои одредба со која директно се бара измена на Уставот. Во точката 5, четврта алинеја, се бара Македонија да ги спроведува со добра волја билатералните договори, меѓу кои и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерките за негово ефикасно спроведување согласно членот 12 од Договорот. Тоа е формулацијата што се наоѓа во официјалниот документ на Советот.

„Не е наведена никаква уставна условеност“, пишува Пероски. Тој потсетува и дека самата преговарачка рамка ги темели пристапните преговори на членот 49 од Договорот за Европската Унија, релевантните заклучоци на Европскиот совет и критериумите од Копенхаген.

Во вториот дел од писмото Пероски го анализира Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија од 1 август 2017 година. Тој посочува дека во договорот не постои услов Македонија да го менува Уставот и да внесува одредена заедница како услов за напредок кон членство во ЕУ. Особено внимание посветува на членот 12, со кој е воспоставена Заедничката меѓувладина комисија.

Според Пероски, задачите на комисијата се јасно определени: да ја разгледува имплементацијата на договорот, да усвојува мерки за подобрување на билатералната соработка и да ги решава проблемите што произлегуваат од неговото спроведување.

„Со него не ѝ се дава овластување да бара уставни измени од другата страна, а уште помалку да поставува услови за пристапувањето на таа страна во Европската Унија“, наведува тој.

Пероски смета дека клучот за разбирање на спорот се наоѓа во Вториот протокол од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија од 17 јули 2022 година. Во него, во рамките на третата точка од дневниот ред, Бугарија изразува подготвеност да се согласи со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, „со разбирање“ дека следната конференција ќе се одржи откако Македонија ќе ги внесе во Уставот оние свои граѓани кои се дел од други народи, меѓу кои е наведен и бугарскиот народ. Во соодветниот дел од протоколот, Македонија го изразува своето согласување.

Токму овој документ во последните години стана централна точка во спорот околу продолжувањето на европскиот интегративен процес на Македонија. Бугарската страна се повикува на него како дел од договорените услови, додека во Македонија неговиот правен статус и начинот на кој е донесен се предмет на политички и правни спорови.

Пероски поставува и пошироко правно прашање: дали инструмент донесен за спроведување на еден меѓународен договор може да создава нови обврски што самиот договор не ги содржи?

Според неговото толкување, Вториот протокол ја надминува функцијата на инструмент за спроведување на Договорот од 2017 година. Тој се повикува на членот 13 од Договорот, според кој измените на договорот бараат писмена согласност, се преговараат преку дипломатски канали и стапуваат во сила по ратификација.

„Ако Протоколот создава нови обврски, се поставува прашањето дали требало да се следи токму таа постапка“, пишува Пероски. Во писмото се наведува и дека пред Уставниот суд на Македонија е во тек постапка во врска со Вториот протокол.

Според Пероски, подносителот на иницијативата, поранешен потпретседател на Собранието, тврди дека протоколот не ја поминал пропишаната постапка на преговарање, усвојување од Владата, потпишување, ратификација во Собранието и објавување во „Службен весник“. Предметот е прифатен и постапката е во тек.

Затоа Пероски го поставува прашањето дали условот што го регулира отворањето на преговарачките кластери произлегува од документ чија обврзувачка сила во домашниот правен поредок сè уште не е судски разрешена.

Во март 2026 година и европратеникот Томас Вајц, известувач на Европскиот парламент за Македонија, предложи во извештајот да се повика правната служба на Советот итно да ги разјасни нејаснотиите околу правниот статус на Вториот билатерален протокол во однос на пристапниот процес.

Пероски од еврокомесарката бара одговор на четири конкретни прашања.

Прво, на која основа во правото на ЕУ се темели барањето за внесување на Бугарите во Уставот? Тој се повикува на Копенхашките критериуми и прашува дали именувањето на конкретна заедница во преамбулата на националниот устав претставува дел од правото на ЕУ.

Второ, каква дополнителна правна заштита би обезбедило внесувањето на Бугарите во преамбулата, ако правата на припадниците на заедниците веќе се заштитени со суштинските одредби на Уставот и со одредбите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор?

Трето, како условот се усогласува со еднаквиот третман на земјите кандидати? Пероски потсетува дека Албанија ги отвори пристапните преговори истиот ден како Македонија и дека двете земји се опфатени со истите заклучоци на Советот од 18 јули 2022 година. Прашањето е зошто делот што се однесува на Албанија не содржи услов од ваков вид.

Четврто, Пероски бара од Кос да објасни во која правна форма била склучена обврската за која таа зборува како за договор меѓу Македонија и 27-те земји членки на ЕУ и каков е нејзиниот статус во правниот поредок на Унијата.

На крајот Пероски ја потсетува Кос дека уште на 3 август 2026 година ѝ испратил писмо во врска со правниот статус на Вториот билатерален протокол и неговото внесување во преговарачката рамка. Тој наведува дека досега не добил ниту потврда за приемот, ниту суштински одговор. Затоа бара прашањата од најновото писмо да бидат одговорени заедно со трите прашања што ги поставил во писмото од 3 август.

Останувам на располагање на вашиот кабинет, завршува Пероски.

Најнови вести од: Македонија

250.000 евра грант од Шпанија за изградба на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование

Грант од 250.000 евра ќе биде почетната финансиска поддршка за подготовка на нов инфраструктурен проект на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Средствата ги обезбедува Шпанија преку Шпанската сметка за социјална кохезија, со која управува Развојната банка на Советот на Европа – ЦЕБ.

To top