Дизелот поскапува за 5,5 денари, а бензините ќе поевтинат за 1,5 денари по литар. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, новата цена на дизелот ќе изнесува 104,5 денари за литар. Додека 95 октанскиот бензин ќе се точи по 99 денари, а 98 октанскиот за 101 денари за литар. Одлуката доаѓа како одговор на поскапувањето на рафинираниот дизел на медитеранската берза за 7 % минатата недела како и зајакнувањето на доларот во однос на денарот за 1 %.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска изјави дека состојбата со цените на горивата редовно се следи. Таа рече дека Владата засега не преговара со „ОКТА“ за нов попуст на горивата, но доколку продолжи растот на цените на нафтата и горивата, ќе бидат разгледани дополнителни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
- Ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните – рече Божиновска, одговарајќи на новинарски прашања.
Според министерката, растот на цените е последица на случувањата на светскиот пазар и воените конфликти, врз кои, како што посочи, земјата нема директно влијание. Божиновска потсети дека Владата веќе презела мерки за ублажување на ударот врз граѓаните, меѓу кои намалување на акцизата и намалување на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 проценти.
- Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Влада. Влада имаме во вторник, ќе видиме како понатаму. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации врз буџетот – истакна министерката.
Во моментов, како што потврди Божиновска, активна мерка е намалувањето на ДДВ од 18 на 10 проценти. Таа додаде дека постои можност за воведување и други мерки, но нивното донесување зависи од фискалните можности и одлуката на Владата. Во однос на можноста за нов договор со „ОКТА“, министерката рече дека засега нема преговори за дополнителен попуст.
- Не сме почнале, меѓутоа ако ситуацијата ескалира и понатаму, ќе ги преземеме сите мерки за да го ублажиме ризикот кон граѓаните – рече Божиновска.
Владата, според најавите, дополнително ќе ја разгледува состојбата со цените на горивата и можните фискални мерки.