СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација.
Категорично ги отфрлам и ги демантирам лагите и тенденциозните конструкции што СДСМ ги изнесе на прес-конференцијата на 20 септември, со кои без ниту еден доказ се прави обид да се нарушат мојата чест, углед и професионален интегритет, се вели во реакцијата на министерката за енергетика Сања Божиновска на обвинувањата дека има влијание на тендерот на ЕВН за набавка на струјомери преку компанијата „Руднап
Министерката вели дека нема да дозволи преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионалниот углед.
„Затоа, наместо политички конструкции и измислени „мрежи“, од СДСМ барам во рок од 24 часа јавно да ги повлече невистинитите тврдења и да ми се извини за нивното изнесување.
Во спротивно, ќе следуваат конкретни правни чекори. Ќе ги искористам сите расположливи правни механизми за заштита на мојата чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и соодветни пријави до надлежните институции“.
Јавноста заслужува факти и докази, а не политички конструкции. Јас сум подготвена за секој факт да одговорам и да го докажам. Истото го очекувам и од оние што денес изнесуваат вакви сериозни обвинувања“, се вели во реакцијата на Божиновска.
СДСМ побара од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска да одговори на обвинувањата што партијата ги изнесува за нејзината поранешна поврзаност со компании од „Руднап груп“, како и за зделка вредна 13,2 милиони евра за набавка на броила од српската компанија „Метер-контрол“. СДСМ тврди дека Божиновска била извршен директор во компании поврзани со „Руднап“ во Централна и Источна Европа и ја поврзува оваа деловна мрежа со други компании и лица од Србија.