Свет

Украина ќе развива „армија на роботи“ (ВИДЕО)

Проектот има за цел дел од најопасните задачи да се префрлат од војниците на машините

Украинскиот технолошки претприемач и поранешен министер за одбрана, Михајло Федоров, започна нов проект наречен „Армија на роботи“, со цел да се забрза роботизацијата на војувањето и дел од најопасните задачи да се префрлат од војниците на машините. Тој го претстави проектот вчера на конференцијата „IT Arena 2026“ во Лавов.

Федоров тврди дека следниот голем технолошки чекор по масовната употреба на дронови е помасовни користење роботи во копнените операции.

Според него, роботите би биле задолжени за евакуација на ранетите, транспорт на муниција, поставување и отстранување мини, извидување, одбрана на позиции и напад на цели.

„Ја лансираме ’Армијата на роботи’. Во 2022 година ја лансиравме ’Армијата на дронови’. Денес, дроновите учествуваат во над 95 отсто од нападите на бојното поле, а Украина има повеќе од 700 производители на беспилотни летала. Сега ни е потребен следниот технолошки скок: роботизација на војувањето“, изјави Федоров, придружувајќи ја својата порака со видео што илустрира како би изгледало тоа.

Федоров особено се осврна на хуманоидните роботи способни да преземат релативно едноставни, но опасни задачи во непосредна близина на линијата на фронтот.

„Ќе има хуманоидни роботи што ќе извршуваат едноставни задачи – полнење митралез, замена на батерија или поставување сензор. Тоа се работи што роботот може брзо да ги научи, овозможувајќи негово брзо распоредување на бојното поле“, рече тој.

Според планот што го претстави, целта на проектот е во рок од првите шест месеци хуманоиден робот да изврши смртоносен напад врз руски војник, а во рок од една година да се спроведе првата заедничка операција со учество на роботи и дронови поврзани преку алгоритми.

Федоров претходно беше еден од клучните луѓе зад украинската програма „Армија на дронови“, започната по почетокот на руската инвазија. Овој проект прерасна во голем систем за набавка, тестирање и производство на беспилотни летала.

Украинското Министерство за одбрана во јуни објави дека дроновите сега се вклучени во повеќе од 90 проценти од потврдените напади врз непријателски цели.

Војната во Украина се претвори во еден вид лабораторија за забрзан развој на беспилотни системи. И Украина и Русија денес користат голем број воздушни и копнени дронови за извидување, напади, логистика, евакуација и поставување мини, а двете страни се обидуваат што побрзо да ја прилагодат технологијата на контрамерките на противникот.

Токму тоа Федоров го наведува како една од причините за новиот проект. Неговата порака е дека Украина мора постојано да иницира нов технолошки циклус пред Русија да може да ги копира и масовно да ги произведува постоечките решенија.

Најнови вести од: Свет

To top