Свет

Кинези станале Германци со лажно, наводно еврејско потекло

Надлежните органи во Дизелдорф истражуваат 32 странски државјани кои тврделе дека се потомци на жртви на Холокаустот.

 

 

Германските власти истражуваат 32 странски државјани – речиси сите кинески граѓани – поради стекнување државјанство со користење фалсификувани документи со кои се тврдело дека имаат еврејско потекло, објави „Дер Шпигел“.

Tie се претставувале како потомци на жртви на Холокаустот за да добијат државјанство врз основа на оваа одредба. Тие поднеле фалсификувани документи и биографии до Сојузната канцеларија за администрација во Келн.

Оваа шема била овозможена преку одредба во германскиот Основен закон, која го враќа германското државјанство на поранешните граѓани на кои тоа им било одземено во периодот меѓу 30 јануари 1933 и 8 мај 1945 година, од политички, расни или верски причини.

Државјанството, имено,  се враќа и на нивните потомци.

„Дер Шпигел“ го следи случајот на еден од овие поединци – Кинез кој, како што се испоставило, е баран и поради сомнение за киднапирање и убиство. Тој користел разни методи за да избегне соочување со правдата во Кина, вклучувајќи преземање нови идентитети, промена на името и патување со фалсификувани документи. Во 2024 година, Лиу Х. станал германски државјанин под името Дерик Вонг, со што добил нов пасош.

Во барањето за германско државјанство, Лиу Х. тврдел дека е внук на Карл Зигфрид и Гертруд Сускинд, кои избегале од Германија во Палестина – која тогаш била под британски мандат.

Но, Лиу Х. нема никаква поврзаност со нив.

Уште еден кинески државјанин, Тиан С., кој живее во Лондон, исто така добил германски пасош; и тој тврдел дека е потомок на брачниот пар Зигфрид-Сускинд.

Истрагата трае веќе околу една година. Во неа моментално се вклучени 30 кинески државјани, од кои некои се добро познати на полицијата во нивната матична земја и се барани за тешки кривични дела. „Дер Шпигел“ напоменува дека одземањето на германското државјанство не е едноставна постапка; На пример, државјанството доделено преку незаконска натурализација може да се одземе само во рок од десет години.

Сите осомничени живеат во странство, што го отежнува нивното повикување на сослушување. Тие се распрснати низ Кипар, Израел, Обединетото Кралство и САД. Во околу половина од случаите, државјанството веќе е доделено.

Најнови вести од: Свет

To top