Либиската национална армија (ЛНА) објави дека двајца нејзини поморски офицери им подлегнале на повредите добиени за време на напад со украински поморски дрон врз руски воен брод закотвен во пристаниште во источна Либија, најавувајќи одмазда против Киев.
Двајцата офицери починале синоќа, откако биле ранети во нападот врз руска корвета во Бенгази во неделата.
Украинските власти денеска не дадоа коментар, иако вчера тврдеа дека нивните сили немале за цел либиски државјани. Во нападот се ранети најмалку десет лица, меѓу кои има и либиски, и руски државјани, изјави еден либиски претставник.
Меѓународно признатата влада во Триполи развива односи со Украина и со нејзините западни сојузници, делумно за да обезбеди поддршка за своите напори да остане на власт. Откако Русија ја почна инвазијата врз соседната земја пред речиси пет години, политичките, дипломатските и економските последици од војната се почувствуваа далеку надвор од границите на Украина – допирајќи дури до Северна Африка.
Генералната команда на Либиската национална армија (ЛНА) најави одмазда „во соодветно време, на соодветно место и со соодветни средства“.
ЛНА, под команда на моќниот генерал Калифа Хафтар, е најсилната воена сила во Либија, земја која останува длабоко поделена по години граѓанска војна и хаос.
Според двајца претставници запознаени со прелиминарната истрага, украински сили кои дејствуваат во западна Либија наводно стојат зад нападот врз рускиот брод.
ЛНА е регуларна армија со оперативна командна структура, морнарица и воздухопловни сили, која ги контролира источните и јужните делови на земјата и одржува блиски врски со Русија, а западна Либија е под контрола на разни вооружени групи и милиции.
Украинските сили дејствуваат во западна Либија врз основа на таен договор поддржан од Западот. Според претходните изјави на либиски претставници, Украинците во март ја искористиле територијата на оваа северноафриканска земја за да извршат напад врз руски танкер во Средоземното Море.