Свет

Парлaментот му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар

Парламентарниот имунитет служи за заштита на пратениците од политички прогон, овозможувајќи им слободно да ги извршуваат своите должности и да ги изразуваат своите ставови без страв од апсење или правни постапки од страна на властите

Унгарскиот парламент го укина имунитетот на тројца пратеници, меѓу кои и на премиерот Петер Маѓар. Веста ја пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“.

Обвинителите го истражуваат Маѓар под сомнение за кражба, откако тој му го одзел мобилниот телефон на еден маж за време на расправија во ноќен клуб во јуни 2024 година и го фрлил во реката Дунав.

Унгарскиот политичар негира дека неговите постапки претставуваат кражба.

Пред гласањето на пленарната седница, Маѓар изјави дека не сторил кривично дело и дека ја презема одговорноста за сите свои постапки. Парламентарниот имунитет служи за заштита на пратениците од политички прогон, овозможувајќи им слободно да ги извршуваат своите должности и да ги изразуваат своите ставови без страв од апсење или правни постапки од страна на властите.

Пратениците исто така гласаа за укинување на имунитетот на двајца поранешни министри од владата на Орбан, осомничени за кривично дело проневера на јавни средства во вкупен износ од 17,3 милијарди форинти, како и за примање мито и „провизии“ во вредност од над 12 милијарди форинти.

Во понеделникот, парламентот го укина и имунитетот на Балаж Ханко, поранешен министер за култура во владата на Орбан,  обвинет за надгледување на проневерата на приближно 53,6 милиони долари од Унгарскиот национален фонд за култура.

Обвинителите исто така го сомничат Миклош Шестак, поранешниот министер за развој во владата на Орбан, за примање мито и „провизии“ во вкупен износ од над 37,2 милиони долари во врска со договори за јавни набавки на возила за државната компанија за автобуски превоз во Унгарија, како и за државни градежни проекти.

Во овој момент не се поднесени обвиненија против Маѓар или против другите двајца пратеници.

Најнови вести од: Свет

To top