Таканаречениот историски договор меѓу Атина и Софија за враќање на посмртните останки на цар Самоил во Бугарија, во замена за 48 вредни црковни артефакти кои бугарската војска ги одзела од грчките манастири за време на Првата светска војна, отвори голема дебата на Балканот.
Додека јавноста и историчарите ја анализираат политичката тежина на оваа размена, во македонскиот културен и дипломатски простор се погласно се поставува прашањето: Дали Македонија треба да го искористи овој нов модел на културна дипломатија за конечно да ги побара своите артефакти, пред сè, фамозните златни маски од Требеништа?
Како се отвори „Пандорината кутија“?
Договорот меѓу Грција и Бугарија покажа дека репатријацијата на културни и историски добра е можна преку директни билатерални спогодби. Софија го доби она што го бараше со децении — коските откриени во базиликата „Свети Ахил“ во Малото Преспанско Езеро. За возврат, Грција си ги врати реликвиите од манастирите „Света Богородица Икосифинис“ и „Свети Јован Претеча“.
Ваквиот чекор веднаш предизвика бран реакции меѓу македонските граѓани и експерти на социјалните мрежи, кои прашуваат зошто Македонија, во име на добрососедството, не го покрене прашањето за сопственото богатство.
Доколку Софија враќа предмети земени за време на воените конфликти на Атина, зошто по истиот принцип да не и ги врати на Македонија артефактите однесени во идентичен историски контекст?
Маската од Требеништа: Сто години во Софија
Приказната за некрополата кај охридското село Требеништа е една од најболните точки за македонското културно наследство.
Во мај 1918 година, при копање воени ровови за време на Првата светска војна, бугарските војници случајно наишле на богати антички гробови од VI и V век п.н.е.. Меѓу пронајдените предмети беа и уникатните златни погребни маски на античките владетели од овој регион.
Поради воените околности, тогашните бугарски власти ги конфискувале и ги однеле сите вредни наоди во Софија. Денес, Националниот археолошки музеј во Софија чува 258 предмети од Требеништа, вклучувајќи две од вкупно четирите златни маски пронајдени во тој период (другите две се во Белград, додека во Охрид се чуваат маските пронајдени при подоцнежните македонски истражувања).
Иако музеите од Скопје, Софија и Белград изминатите години покажаа одлична соработка преку заедничката патувачка изложба „100 години Требениште“, сопственоста на артефактите останува непроменета.
Може ли Македонија да повлече потег?
Домашните аналитичари сметаат дека македонската дипломатија досега настапувала премногу пасивно во однос на заштитата и враќањето на националното богатство. Договорот Атина-Софија создава легитимен меѓународен преседан.
„Ако Бугарија покажа подготвеност да го исчисти историскиот товар со Грција преку враќање на предмети скриени повеќе од 110 години, Скопје има целосно право да побара сличен третман“, коментираат експерти.
На маса можат да се стават повеќе опции — од трајно враќање на маските во матичниот Охрид, па сè до долгорочни позајмици или реципрочни културни отстапки.
Сепак, за ваков чекор е потребна силна политичка волја и сериозно подготвена стратегија од страна на Министерството за култура и Министерството за надворешни работи, со прецизен попис на сè што било однесено од македонска територија низ вековите.
Дали маските од Требеништа по повеќе од еден век ќе го изодат патот назад кон Охридското Езеро, или пак овој балкански преседан ќе остане ексклузивно право само за земјите-членки на ЕУ, останува да покаже времето и подготвеноста на македонската држава конечно да го заштити своето минато.