По спроведена истрага на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, разбиена е меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога. Пет лица се приведени, а против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Акцијата започнала по добиена разузнавачка информација, по што мобилни тимови презеле оперативни дејствија. На граничниот премин Дојран, на излез од државата, бил спречен обид за нелегален транспорт на 79 килограми марихуана, наменета за турскиот пазар.
Марихуаната била запленета, а возачот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен. Одделението за истраги, во соработка со ОЈО ГОКК, потоа започнало предистражна постапка за откривање на сите лица инволвирани во случајот.
Во текот на постапката било утврдено дека камионот, со кој управувал возачот од БиХ, влегол во Македонија натоварен со железни профили, кои требало да ги транспортира до Грција. По претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација во камионот била претоварена марихуаната.
Камионот потоа бил пломбиран со пломба што возачот ја имал кај себе и продолжил кон Грција преку граничниот премин Дојран, каде што бил пресретнат од мобилните единици.
Од Царинската управа велат дека со ваквите разузнавачки, оперативни и истражни активности продолжуваат со сузбивање на нелегалната трговија со дрога.