Пишува: Свето Тоевски
Пропагандниот циркус на 3 октомври 2026 година кога македонската, европската и светската јавност гледаа во Софија масовни сцени со пренесувањето на „посмртните останки на бугарскиот цар Самоил во саканата татковина Бугарија“, на 6 и 7 октомври продолжува, задобивајќи нови димензии: на длабоко и добро осмислена државна операција на идентитетски, историски и национален инженеринг, заради градење на националниот идентитет и на историјата на Бугарите. Тој инженеринг се засновува врз врз масовно присвојување идентитетски елементи на македонскиот народ и од автентичната македонска историја. Бугаризирањето на Самуил е една од клучните цели на тој бугарски идентитетско-историски инженеринг. Градење преку крадење – од македонскиот за бугарскиот идентитет!
Сепак, за врвни европски и светски научници, не само за македонските експерти, македонскиот цар Самуил е еден од столбовите на македонскиот национален и духовен идентитет – но и на самата македонска државност. А што велат најпрвин бугарските експерти за својот идентитет и етничко потекло, зошто авторот на овие редови истакнува дека со македонскиот идентитет се пополнуваат „големите дупки и празнини“ во конструкцијата на бугарскиот идентитет, а со Самуил и „дупките во бугарската историја“?
Бугарски историчари, публицисти и академици: „Ние не знаеме кои сме и што сме!“
„Сите факти од нашата историја покажуваат дека ние сме Турци. Сѐ друго се некакви хипотези.“ – ќе каже на 26 јули 2011 година бугарскиот писател и историски публицист Стојан Димков во интервјуто, кое го има објавено бугарскиот портал „Новинар“ . Истакнувајќи заложба за враќање кон турските корени, Динков посочува: „Тогаш ќе бидеме свесни самите за себе. Ќе знаеме кои сме и од каде доаѓаме. Зашто, нас долго време нè лажеа: прво дека сме Словени, сега – дека сме Иранци. Не знаеме кои сме. А ние сме наследници на најмоќните Турци – оние на Атила.“
Тодор Велчев, професор по астрофизика и космологија во софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, во 2013 година одржал предавање насловено како „Бугарите на новото време: од каде (доаѓаме) и каде (одиме)?“, во кое нагласил: „Ние едвај знаеме од каде доаѓаме, а уште помалку каде одиме. Но треба да собереме храброст да ги погледнеме во очи непријатните вистини за тоа кои сме и од каде доаѓаме…“
Еден врвен бугарски научен авторитет го отфрла, како што вели, „митот дека Бугарите се Словени по потекло“. Академикот Ангел Галабов од Бугарската академија на науки и професор по медицински науки, во едно интервју го прави следното разликување: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените. Прабугарите го дале името Бугарија и тие се носители на нејзината државност, цивилизација“.
Бугарски политички театар и циркус со средновековни коски: како Софија го присвојува Самоил за градење и на својата државност?!
Штом бугарски научници, академици, историчари се сомневаат, или и категорично велат дека Бугарите по своето потекло не се Словени, ниту Македонци, туку Турци, Иранци, или и сѐ друго, тогаш како можат Радев, Јотова и другите од бугарската државна и политичка елита да го „враќаат во неговата сакана татковина Бугарија“ Македонецот Самуил, кој нема врска со Бугарија, ниту е Бугарин?! Македонскиот средновековен владетел е починат на 6 октомври 1014 година и неговото „победоносно враќање во татковината Бугарија“ нималку случајно беше темпирано на 3 октомври, на три дена пред 1012-тата годишнина од неговата смрт!
Премиерот Румен Радев, Илијана Јотева и другите од бугарскиот државен и политички врв го „киднапираат“ симболот на царот Самуил и воопшто не им е важно што и дома во Бугарија, и во Европа и светот мнозина сериозни и објективни научници искажуваат огромни сомнежи на што тоа се организира овие денови масовно поклонение во Софија. А не мал број им се смеат. Другпат Радев, Јотова и другите ќе му мислат, или воопшто нема да му мислат, чии коски ставиле во мермерниот саркофаг во базиликата „Света Софија“ во Софија“.
Но, да фрлиме поглед на врвни европски и светски експерти, но и други, што велат за Самуил и неговото царство. Во 1886 година германскиот историчар Јохан Густав Дројзен, германски и светски научен авторитет за историја, во својот „Општи историски атлас“ на картата за Балканскиот полуостров ја прикажува и ја означува Самуиловата држава како „Федерација на словенските наследни принцови под врховната власт и суверенитет на Македонецот Самуил“. Во 1880 година англискиот историчар Едвард Аугустус Фримен во свое научно дело пишува за државата на Самуил дека е„повеќе македонска отколку мезиска“ и додава дека е тоа „Царство од Охрид, царство на Самуил“.

Меѓу историчарите од светски ранг, што ја застапуваат тезата дека Самоил создал нова средновековна држава со седиште во Македонија, може да се вброи и Георгиј Острогорски, еден од најголемите светски авторитети од областа на византологијата и средниот век. Острогорски во своите научни трудови јасно образложува дека Самуил создал ново средновековно царство, кое го именувал како Македонско Царство. Поради ова искажување, Георгиј Острогорски постојано е критикуван од бугарските историчари.
Во делото „Историја на Византија“, во нејзините ревидирани изданија на германски јазик во 1963 и на англиски јазик во 1968 година, Острогорски пишува: „Царството на Самуил значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото бугарско царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако била главната цел на Самуил воспоставување на старото Бугарско Царство, тој секако ќе се свртел кон бугарските земји и на прво место ќе се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал.“
Овој научен преглед го заокружуваме со дел од истакнатите македонски историчари. Митко Б. Панов ја сместува Самуиловата држава во Македонија и остро го оспорува автоматското изедначување на Самуиловата држава со Бугарија. Според него, нема изворен податок дека Самуил својата држава ја нарекувал „Бугарија“ или населението „Бугари“. Блаже Ристовски и дел од постарата македонска историографија ја сметаат Самуиловата држава како важна средновековна македонска државна традиција. Тодор Чепреганов го претставува Самуил како „симбол на моќта на македонската држава“ во македонската историја.
Свеченото пренесување на наводните посмртни останки на царот Самуил во Софија, проследено со највисоки државни и воени почести, е агресивен процес на политичко и институционално присвојување на Самуил не само како еден од темелните столбови на македонскиот национален идентитет, туку и на македонската државност. Зошто? Во бугарската национална доктрина „Македонија е втората бугарска држава“ и полесно би станала тоа, кога би се „извадил“ Самуил како столб од темелите и конструкцијата на македонската државност.

Нималку не е случајно тоа што македонскиот цар Самуил, владетелот на средновековната македонска држава, е експлицитно споменат во државотворниот корпус на документи на Првото заседание на АСНОМ, конкретно во „Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ“, од 2 август 1944 година.
„Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи овоја собствена држава.“ – се наведува во „Манифестот“. Што значи ова во однос на македонската државност? Документот прави директна историска врска: Самоил → македонски народ → повторно создавање сопствена македонска држава во 1944. Исто така, и во својот воведен говор Панко Брашнаров при отворањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, ќе каже: „…сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава….“
(продолжува)
(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна историско-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)