Премиерот Христијан Мицкоски очекува македонската економија годинава да забележи раст меѓу 3,5 и 4 отсто. Како основа за оваа проценка тој го посочува остварениот раст во првото полугодие.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека во разговорите со претставници на Светска банка особено охрабрува фактот што Македонија, според него, е единствената земја во регионот кај која проценката за економскиот раст е коригирана нагоре.
Тој потсети дека годината започнала со проекција за раст на бруто-домашниот производ од 2,6 отсто, која потоа била зголемена на 2,9 отсто, а вчера била повторно коригирана на 3,2 отсто.
„Јас сум убеден дека оваа година растот на бруто-домашниот производ ќе биде меѓу 3,5 и 4 отсто“, рече Мицкоски.
Како аргумент за своето очекување тој го наведе растот од 3,7 отсто во првото полугодие, остварен по 3,1 отсто во првиот квартал и 4,3 отсто во вториот квартал.
Мицкоски очекува Македонија да има и ниска инфлација и да се најде меѓу земјите со најниска инфлација во регионот и Европа.
Во однос на економскиот раст, тој смета дека земјата ќе биде меѓу првите пет во регионот и Европа, иако не очекува да го оствари највисокиот раст.