Македонија

Македонија решена да ги исполни своите обврски – Коридорот 8 мора да биде завршен

Нашите граѓани и европските партнери ќе го оценуваат Коридорот 8 според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме

Коридорот 8 е многу повеќе од транспортна рута – тој е стратешка визија што ги поврзува Јадранското и Црното Море, Европската Унија и Западен Балкан, како и нашите економии и безбедносни интереси, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој учествуваше на Меѓународната конференција за Коридорот 8, каде што се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“.

– Во време на геополитички и економски предизвици, потребни ни се конкретни резултати, усогласена динамика и видлив напредок по целата траса. Нашите граѓани и европските партнери ќе го оценуваат Коридорот 8 според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме. Ја потврдив нашата решеност да го исполниме својот дел од обврските и, заедно со Бугарија, Албанија и европските партнери, да ја забрзаме реализацијата на Коридорот 8. Поврзаноста значи поголема безбедност, отпорност и економски развој за целиот регион – објави тој на својот профил на Фејсбук по конференцијата.

Посебен акцент беше ставен на потребата политичките договори да се преточат во конкретна реализација. Муцунски се осврна на стапувањето во сила на Спогодбата со Бугарија за подготовка, изградба и функционирање на прекуграничниот железнички тунел, како и на досегашната работа на Заедничката комисија задолжена за нејзино спроведување.

Домаќин на средбата беше бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, со која Муцунски треба да оствари средба на маргините на конференцијата.

– Коридорот 8 е стратешки проект за нас. Тој е приоритет со години, но не секогаш се работи на него со доволно ниво на активност што е потребно. Состанокот е можност да се одржи политичкиот моментум, да се види до каде се стигнати релевантните проекти и делови од него и да се престане да се размислува само за мали проекти, туку како за еден голем коридор што треба да се заврши – изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова пред почетокот на Конференцијата во Софија.

Следната година Софија ќе биде домаќини на форум за поврзување, каде фокусот ќе биде на Средниот коридор.

– Кога овој коридор ќе стигне до Бугарија, треба да почне да нè поврзува со остатокот од Европа и Западен Балкан. Коридорот 8 е токму оваа врска што можеме да ја имаме со земјите од Западен Балкан. Работиме на исполнување на роковите, мислам дека до 2032 година – рече Петрова и додаде дека Бугарија има политичка волја, а Коридорот 8 има потенцијал и за железничка поврзаност и за енергетска и воена мобилност.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос по пристигнувањето во Софија рече дека Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување. Таа истакна дека во регионот се спроведуваат над 130 проекти, вклучително и изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.

– Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа – рече Кос.

Според неа, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.

– Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки – додаде Кос.

Муцунски ја потврди подготвеноста Македонија да биде домаќин на следната министерска средба за Коридорот 8.

Најнови вести од: Македонија

Јаневска: Ги обучуваме наставниците за користење вештачка интелигенција, за да им помогнат на учениците да ја употребуваат правилно

Најуспешните наставници и училишта по 9-месечната обука за вештачка интелигенција добија сертификати. Министерството за образование и наука ги спроведе обуките во соработка со Brainster Next.

Пронајдени дрога и оружје кај жител на Глумово, Скопско, по што е лишен од слобода

Вчера, на 7 октомври 2026 година, околу 8 часот изутрината полициски службеници од од Единицата за недозволена трговија и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишија од слобода М.М. (43) од селото Глумово, Скопско.

To top