Михаил Звинчук, основачот на влијателниот воен блог „Рибар“, вчера беше приведен заедно со сопругата и тројца други руски државјани од полицијата и безбедносните служби во јадранското летувалиште Рисан, под сомнение за хибридни операции.
Влијателен руски воен блогер и уште четири лица се протерани од Црна Гора, откако претходно биле приведени под сомнение за обиди за дестабилизација на земјата.
Звинчук беше приведен заедно со сопругата и тројца други руски државјани во Рисан, под сомнение за ширење руско влијание, објавија локалните медиуми.
Премиерот Милојко Спајиќ го потврди приведувањето во објава на платформата „Икс“, наведувајќи дека тоа уследило по предупредувањата оти земјата ќе се соочи со обиди за дестабилизација и хибридна војна.
Црногорскиот медиум „Вијести“ подоцна објави дека приведените ќе бидат протерани поради причини поврзани со националната безбедност. Неофицијално, руските државјани биле под надзор уште од влегувањето во земјата.
Донесени се одлуки за депортација за Звинчук, неговата сопруга Валерија Владимировна Звинчук (37), Сергеј Романович Белоус (35), Павел Владимирович Лекаторчук (43) и Кира Игоревна Дорошенко (21).
Полицијата соопшти дека по криминалистичко-оперативната и разузнавачката обработка е утврдено дека овие лица не можат да го продолжат престојот. Кај нив биле пронајдени софистицирана дигитална опрема, дрон, GoPro камера и повеќе телефонски уреди, кои ќе бидат предмет на вештачење.
Од друга страна, „Рибар“ на Телеграм-каналот тврдеше дека приведените имале регулиран престој и дека планирале снимање на манастирот Цетиње, за што претходно било поднесено барање. Тие негираат прекршување на законите.
Руската амбасада побара објаснување и конзуларен пристап, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека дипломатите ќе ги заштитат правата на Звинчук.
Звинчук е поранешен службеник за односи со јавноста во руското Министерство за одбрана. Во 2018 година го основа „Рибар“, еден од најпопуларните руски воени блогови за војната во Украина, со над 1,5 милиони претплатници. Каналот промовира наративи блиски до Кремљ и пошироко.
Велика Британија воведе санкции против него и каналот во декември 2025 година. САД го обвинија за обид за мешање во претседателските избори во 2024 година и понудија награда до 10 милиони долари.
Неколку дена пред апсењето, Звинчук се фалеше дека успеал да влезе во Црна Гора и покрај западните санкции.