Гостувајќи на телевизија Алсат и зборувајќи за ценовните притисоци и нивното влијание врз животниот стандард на граѓаните, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека иако живееме во услови на невидлива Трета светска војна, ситуацијата е далеку подобра отколку пред четири години, кога на власт беа СДСМ и Филипче.
„Дозволете ми да одговорам со бројки. Јас не се потпирам на чувства, туку на бројки. Споредбата на третите квартали од 2022 и 2026 година покажува дека инфлацијата во 2022 година била за 67% повисока од европскиот просек. Додека просечната стапка на инфлација во Европа изнесувала нешто над 10%, кај нас таа била околу 17%. Денес, во третиот квартал од 2026 година, инфлацијата во Македонија е за 25% пониска од европскиот просек. Со просечна инфлација за јули, август и септември од околу 2,57% во Македонија, наспроти приближно 3% до 3,3% во Европа, можеме да заклучиме дека во третиот квартал од 2022 година цените во Македонија биле за 67% повисоки отколку во Европската Унија“, истакна Мицкоски, додавајќи:
„Јас сум политичар кој своите политики ги заснова на бројки. Бројките се дел од статистиката и тие ви помагаат да процените дали напредувате, стагнирате или назадувате. Едноставно сакам да укажам дека бројките сега се неколкукратно подобри отколку што беа пред четири години.“
Во врска со посетата на претседателката на Европската комисија, Мицкоски рече дека пораката на Урсула фон дер Лајен јасно ги побила тврдењата на домашната опозиција и на Филипче дека владата не спроведува реформи.
„Пораката од претседателката на Европската комисија беше јасна и недвосмислена, побивајќи го она што го говореше домашната опозиција“, рече Мицкоски.
Мицкоски напомена дека Фон дер Лајен ја опишала работата на владата како „импресивна“, што, според него, претставува исклучително силна позитивна оценка. „Таа рече: ‚Вршите импресивна работа‘. Ќе се согласите дека ова е највисок степен на суперлатив и дека таа не користеше таква реторика на другите места што ги посети пред да дојде овде. Станува збор за домашната политичка сцена и за тоа дали оваа Влада се плаши да спроведе реформи. Потврдата стигна од највисокото ниво на Европската комисија – од самата претседателка. Пред да пристигне во Скопје, таа посети неколку други места, но само овде го употреби овој израз – највисоката форма на суперлатив – кога рече дека вршиме импресивна работа во областа на реформите. Ова значи дека лагите на опозицијата се побиени. Ние работиме и спроведуваме реформи“, изјави премиерот Мицкоски.