Веста дека Михаилова ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија утринава ја објави бугарската БТВ.
Во изјава за медиумот, Михаилова вели дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да се врати во Бугарија.
„Ја преминавме границата со мојот адвокат. Моето здравје се влоши, тој ме зеде и се вративме во Бугарија без никакви проблеми. На границата ја покажав мојата македонска лична карта. Се чувствувам безбедно во Бугарија. Во Северна Македонија бев репресирана поради моето бугарско потекло и тоа беше една од причините зошто ме обвинија“изјави таа за бТВ
На прашањето дали има намера да се врати во Македонија за судењето, чие следно рочиште е закажано за 9 ноември таа одговори:
„Случајот продолжува со или без мене. Ќе видиме како ќе биде“.
Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.
„Оваа ситуација е неподнослива и ние ја зедовме нашата судбина во свои раце“, изјави нејзиниот адвокат
Во меѓувреме, од бугарското Министерство за надворешни работи објавија дека не биле однапред известени за случајот и тврдат дека не учествувале во организацијата за враќање на младата Ива во Бугарија.
„Адвокатот стапи во контакт со Министерството за надворешни работи непосредно пред својата јавна изјава. Ја разбираме загриженоста на семејството во врска со здравјето на Ива. Најважно сега е таа да ја добие потребната медицинска нега. Бугарија доследно ги поддржуваше напорите Ива да го добие потребниот третман. МНР ќе продолжи да дава помош во врска со случајот во рамките на својот мандат“, објави бугарското МНР.
Од македонските институции засега нема информации за случајот.
Претходно, Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борос Трети“ од Охрид, кој наводно бил претепан во 2023-та поради неговата „бугарска самосвест“ замина на лекување во Софија со авионски лет организиран од бугарските власти.
Него, за „жртвата што ја поднел“, му беше ветено школување, стан за привремено живеење и пари за издржување додека е во Бугарија.