„Македонскиот јазик веќе не звучи македонски“, предупреди словенечката преведувачка Соња Должан во обраќањето по повод признанието „Блаже Конески“, кое денеска ѝ го додели Македонската академија на науки и уметности (МАНУ). Таа повика на секојдневна грижа за јазикот и порача: „Не смееме да кажеме дека сме беспомошни“.
„Знам дека понекогаш е непријатно кога некој од страна ви соли памет, но јас не сум од страна. Јас го сметам македонскиот јазик како свој втор прв јазик, а Македонија како своја втора татковина“, нагласи Должан.
Таа укажа на употребата на странски зборови и кога за нив постојат македонски соодветства. Но, нагласи таа, проблемот не е само во лексиката, туку и во синтаксата, односно во начинот на кој се обликува македонската реченица.
Таа изрази загриженост дека, ако не се чува македонскиот јазик, децата нема да ги разбираат книжевните дела напишани на него, ниту ќе знаат да го употребуваат самиот јазик.
„Треба да бидеме упорни и да го употребуваме македонскиот јазик во секоја пригода, треба да докажеме дека и за бизнисот, а и за компјутерските науки може да се зборува на македонски, ако треба, ќе мораме и да се бориме за него, а не по линија на најмал отпор да кажуваме дека веќе ништо не може да се стори“, порача Должан.