Македонија

Прва заедничка сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ

20-годишник од Тетовско осомничен за повеќе компјутерски кривични дела

Заедничката истрага на Министерството за внатрешни работи и американското Федерално истражно биро (ФБИ) доведе до откривање на администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“.

Преку оваа платформа се продавале украдени лични податоци, пристапни информации до кориснички сметки и компјутерски мрежи, како и алатки наменети за извршување компјутерски криминал.

Во врска со случајот, против 20-годишник од тетовското село Голема Речица е поднесена кривична пријава.

Пријавата против Е.А. ја поднел Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до Основното јавно обвинителство во Тетово.

Тој е осомничен за кривичните дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Истрагата започнала по добиени информации од ФБИ, по што била воспоставена координирана соработка меѓу двете институции за откривање и сузбивање на криминалните активности поврзани со платформата „OLVX“.

Обезбедените докази укажуваат дека пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година управувал со домени и веб-страници поврзани со оваа платформа, која функционирала како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги за извршување кривични дела.

Главни корисници на платформата биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни податоци за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви.

За време на функционирањето на пазарот биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни податоци.

Истрагата утврдила и дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот управувал со нелегална група на комуникациската апликација „Телеграм“, под името „ONEMILI“.

Преку групата биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски кривични дела, меѓу кои и измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Дополнително, според МВР, биле обезбедени докази дека пријавениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека станува збор за првата заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ.

Операцијата, според институцијата, ја потврдува важноста на меѓународната полициска соработка во откривањето и спречувањето на современите облици на организиран компјутерски криминал.

МВР најавува дека преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со активностите за сузбивање на сајбер-криминалот, заштита на личните податоци и унапредување на безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.

Од Министерството оценуваат дека соработката со ФБИ претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за справување со прекуграничниот компјутерски криминал.

Најнови вести од: Македонија

Илија Андовски привремен администратор на „Алта банка“ АД Битола

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација.

Средба на Сиљановска-Давкова со Копман од ЕК: Потребно е забрзување на евроинтеграцијата во услови на блокади

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на работната посета на Брисел денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.

Мицкоски – Вуст: Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ќе ја продлабочуваат економската соработка, можности за нови инвестиции

Продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции и унапредување на партнерството меѓу Македонија и германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија биле во средиштето на вниманието на работната средба на премиерот Христијан Мицкоски со премиерот на оваа германска покраина Хендрик Вуст.

To top