Македонија

Поетот Никола Маџиров: Не е најболно тоа што победниците ја пишуваат историјата — туку тоа што тие ги тераат понижените да ја читаат

„Сведоци сме дека сите војни почнуваат со тргување на историите и митовите, а потоа почнуваат одземањата на личните приказни, веднаш штом ќе се исцртаат новите поствоени граници. Моите предци одлучиле да им биде одземен домот наместо личните приказни и така ме задолжија да се сеќавам без да мразам, да пишувам без да верувам во изделканите истории. Затоа што постојат личните приказни прераскажани од гласовите што не се составени од коски, туку од вистини кои не можат да се кремираат или да се изложат пред црвите на времето“, вели најуспешниот современ македонски поет, чија поезија стана препознатлив дел од модерната светска поетска сцена, без да мора читателот прво да знае многу за Македонија.

„Секој од нас има клуч што веќе не може да отвори ниту една врата“, вели Никола Маџиров. Неговите предци биле бегалци од Балканските војни, а домот, отсуството, преселбата и сеќавањето се меѓу постојаните координати на неговата поезија. Роден е на 27 мај 1973 година во Струмица. Првите две книги му излегоа во 1999 година: „Заклучени во градот“ ја доби наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга, а „Некаде никаде“ наградата „Ацо Караманов“. Со незаменливата „Преместен камен“ (2007-ма-) ги собра европската награда за млади поети „Хуберт Бурда“ и домашната „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Неговите други меѓународни признанија се и наградата „ Сребрен лист Ксу Џимо“ за европска поезија на Кингс Колеџот при Универзитетот во Кембриџ во 2016-та и наградата „Орфеј“ за целокупно претставување на Меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив во 2019 година. Поезијата му е преведена на над четириесет јазици, а врз неговите стихови музика компонирале светски имиња како Оливер Лејк, Мајкл Лиг (од Snarky Puppy) и Бека Стивенс.

Во 2023 година Маџиров беше еден од тројцата членови на жирито на врвната канадска поетска награда „Грифин“, заедно со Грегори Скофилд и Наташа Тредвеј. Жирито таа година разгледало 602 книги, меѓу кои 54 преводи од 20 јазици.

Во 2024 година, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави „Дом во тишина“, првата есеистичка книга на Маџиров на македонски јазик (есеи што низ годините биле објавувани во превод на други јазици, но не и на јазикот на кој првично биле напишани). Таа доаѓа по сликовницата „Рокчето“ (2023-та) и книгата „Шестарот на времето“ (2024-та), која го собира неговото поетско творештво.

Во 2025 година следуваа уште две значајни меѓународни признанија. Во јуни, во Лана, Јужен Тирол, му беше врачена 19-тата награда „Н.К.Казер“ за поезија., а во август, во Гуангжу, Кина, ја прими и 17-тата меѓународна награда „Поезија и луѓе“, за придонес кон современата светска поезија.

Во април пак, лани, заедно со кантавторката и композиторка Бека Стивенс, Маџиров настапи на првото издание на „Светскиот поетски салон“ во Њујоршката јавна библиотека.

Во септември о.г., Академијата на американските поети ја објави неговата песна „Тишината од други места доаѓа“ како „Песна на денот“, на македонски и на англиски јазик.

Со авторот чие творештво и светски признанија не запираат, а кој и покрај сите успеси останува цврсто приземјен, крајно љубезен и скромен, разговаравме за тишината, за наследените и напуштените простори, за спомените и што од сето тоа може да се сочува во зборови.

 Вашето семејство ја носи историјата на бегството уште од Балканските војни, а вие велите дека сте наследиле „непостоечки врати“. Дали денес, по толку резиденции и привремени домови, домот за вас е место или чувство?

-Секој од нас има клуч што веќе не може да отвори ниту една врата. Страшно е чувството кога ќе посведочиш како твоите баба и дедо чуваат клуч стар стотина години од врата што веќе не постои, од дом во кој некој друг веќе се има родено, некој кој не го разбира твојот јазик и твојот страв, кој не знае кој ги насадил калинките во дворот кои сега му црвенеат во дланките секое лето.

Кога си присилен да го напуштиш твојот дом, сѐ потоа во животот станува бегство — и вселувањето во нов дом, и венчавките и разделбите, и простувањата и враќањата, и смртта. Војната ги брои жртвите, но ретко откорнатите врати и продолжените генерациски отсуства. Тоа им е оставено на бегалците — тие растат, раѓаат и созреваат со чувството на загубено. Домот за нив секогаш ќе биде место што се напушта. Кога бев дете, секој добиен подарок го сокривав, мислејќи дека некој ќе ме оддели од него.

Сегашноста за мене е продолжено сеќавање, а не миг што ќе стане минато. За жал, не гледам дека и сега времето се има променето. Како да сакаат да нѐ убедат дека можеме да бидеме бегалци и без да ги напуштиме домовите, дека е доволно само да се промени сеќавањето среде истиот дом. Сега војните се водат за подобро минато.

 

Во „Тишината од други места доаѓа“ гласот на мајка ви ја исполнува песната иако неа физички ја нема. Со текот на годините, стануваат ли мртвите дел од нашиот внатрешен глас или ние полека стануваме нивен?

-Нашиот живот е поврзан со мртвите. Човекот на умирање најискрено зборува пред живите, а и живите се отвораат без страв пред гробот на мртвите. Свесноста за смртноста ја забрзува животноста во нашите вени. И самиот бев три пати во близок контакт со смртта, а и сега ме чека операција која ќе ми одземе неколку часови од будноста, од сеќавањето.

Пред шест години во неколкумесечната битка со ковидот се разделив од неколку соборци во болничката соба на Инфективната клиника во Скопје кои не успеаја да ги препознаат ниту гласовите на најблиските кога заминуваа. Го прераскажуваа целиот свој живот во тие неколку часа додека беа во бессознание пред да го напуштат допирливиот свет — знаеја дека некој ги слуша и со тоа ги тераа живите околу нив да ја чуваат нивната приказна, да ја балсамираат и по цена да изгубат дел од неа кој дополнително може да се измисли, и да се пренесе во градот каде што се родиле како нивен вербален споменик извајан од сеќавања.

Сите ние преживеаните бевме нивната книга на животот којашто треба да се остави на некоја полица, бевме ехото од нивниот глас испратено до луѓето што им оставиле љубов во белите дробови. Отсуството никогаш не е тивко.

Мајка ми често се појавува во мојот сон — некогаш таа носи во торбите овошје од пазарот кога трчам кон исушеното дрво со кајсии во дворот, некогаш кога заспивам со монотониот звук на машината за перење, таа се јавува како ветер кој ги спростира алиштата на жицата која стои во воздухот како нов хоризонт без да биде врзана за краевите од терасата.

Во „Мртвите“, чудесниот расказ на Џојс, се брише границата меѓу нив и живите. Понекогаш им припишуваме погрешни цитати на блиските мртви, само за да ги одржиме живи кога раскажуваме важни мигови што ни го промениле текот на животот. Кога се раѓаме гласно, блиските околу нас молчат — а тишината на смртта секогаш е пресечена со крикот на најблиските.

Тишината од други места доаѓа кога размислуваме за отсуствата, за празните столови околу семејната маса, за темјанушките и лавандите насадени од нашата мајка во дворот кои растат побрзо од нашите стравови дека тие ќе се сѐ уште тука и кога мајката ќе ни замине. Тишината на нивниот мирис ќе биде знакот за гласно присуство.

 „Шестарот на времето“ за прв пат го собра целото ваше поетско патување. Кога денес го читате помладиот Маџиров, што би задржале од него, а што би сакале засекогаш да му одземете?

-На Н.М. не сакам да му го одземам ненапишаното. И детството. Криењето под лисјата на големата смоква и по цена на непреспиена ноќ од чешањето потоа. Млазот ладна вода од чешмата во дворот што се лизга по усните по истрчани три маала во потрага по трски од таваните на старите куќи во распаѓање за изработка на главата на леталата кои судбоносно ги викавме „фортуни“. Отклучените врати кога спиевме собрани во единствената затоплена соба, очекувајќи поштарот да ни остави зад прагот писмо што зборува за чудесни почетоци на денот и светот.

Сакам да верувам дека не станува збор за романтичарски поглед на една провинцијална детска душа која замислува дека розата ќе ја најде во својот дом по многу променети планети. Романтичарскиот поглед на минатото го има доведено Бајрон и многумина други до кобна смрт надвор од мирното поле на мајчиниот јазик, а денес романтичарскиот национализам ги надминува безбедните граници на самозалажувањето, претворајќи се во темел за темни идеологии и опасни политички конјуктури.

Ми се допаѓа тоа што за сето напишано и објавено ја користите милозвучната синтагма „поетско патување“, зашто книжевноста започнала со песната на номадите, со пеење одредено од далечината помеѓу два дома. Секоја објавена книга ја чувствувам така — како огниште помеѓу две патувања, помеѓу две слободи.

Беи Дао напиша дека слободата е растојанието помеѓу ловецот и пленот. Понекогаш кога пишувам се чувствувам и како ловец и како уплашен елен кој нема време за сеќавања, зашто во сѐ гледа страшна убавина или опасност. Растојанието од првата до последната напишана песна објавени во „Шестарот на времето“ е траекторијата на една животност и ранливост. Пoнекогаш мислам дека ChatGPT нема потреба алгоритамски да ни ги складира сите поставени прашања, писма и посетени страници за да го обликува нашиот емоционален фоторобот — доволно е само да ги спореди низ времето сите наши лозинки или напишани стихови.

Мора да им веруваме на другите, на конструкторите на технолошките алатки, за да се осмелиме да ги посетиме брзите извори на знаење. Но, сомнежот кон себе засекогаш останува. И новиот световен календар што го користиме еден ден пак ќе треба да се коригира, а не пак календарот на личното време. Многумина од авторите што ги читам сакале да ги ревидираат редовите што ги имаат напишано — Кавафис, Емили Дикинсон, Хемингвеј, В.Х. Одн… — и можеби затоа стравот одново да се прочита сопствената напишана книга веднаш по објавувањето е поголем од тишината на необјавувањето.

Шестарот е инструмент за прецизно, затворено цртање круг, а сепак, целото ваше творештво зборува за нешто спротивно: движење, граници што исчезнуваат, домови што не се фиксираат. Зошто избравте токму слика на прецизност и затвореност за книга која ги собира песните за бегството и непостојаноста?

-Во повеќето наши детски игри, од џамлии до народна, беше присутен кругот кој не смееше да се премине. Сите имавме замислено непремостлив ѕид над линијата исцртана во стапче врз земјата или со поткршена тула врз асфалтот — кружницата беше територијата во која бевме безбедни или, пак, спремни за отстрел. Исто како што се чувствуваме и меѓу границите на сопствената земја, или во кругот на своите пријатели, или во неутралната зоната помеѓу две држави на која нема ни знамиња ни споменици.

Таков беше и кружниот циркуски шатор под чие шарено небо постоеше поинаков магичен свет во кој ѕверовите беа потчинети, а гравитацијата внатре не требаше да ги наруши нашите детски соништа за летање. Сепак, секогаш кога несовршено се обидувавме да ја нацртаме кружницата со рака, остануваше мал отвор меѓу двата краеви на кругот низ којшто можеше да се избега или да се влезе во поинаков, поблагороден свет.

Шестарот на времето звучи строго и казниво, а впрочем не е далеку од реалното чувство дека сме модерни робови и роботи на трансхуманото и бесмртно време. Се плашиме од она што не го поседуваме — времето. Сеќавањето и носталгијата стануваат засолништа градени надвор од календарската логика на постоењето, надвор од пејзажот на брчките врз нашето лице. Предизвик е да се скокне преку кружницата на времето, преку ѕидот што сами сме си го креирале, мислејќи дека тој ќе нѐ заштити од неизвесноста и од непознатото.

Непостојаноста, непредвидливоста и повеќезначенскиот говор на метафората биле најголеми непријатели на идеолошки заокружените и диктаторски уредувања. Адорно рекол дека е варварски чин да се пишува поезија по Аушвиц, но време е да се постави прашање дали не е варварски по Аушвиц сѐ уште да се случуваат чистења на народи и култури? Среде историјата што се повторува на најгрозоморен начин, недостигаат нови хуманистички концепции кои би го неутрализирале нагласениот антропоцентризам што произведува нестварна глад по совршеност и вечност.

Понекогаш се плашам дека доколку се појават можности за живот на друга планета, првин би се изградиле затвори или концентрациони кампови, па потоа би дошле спасувачите со веќе замислени макети за нивни споменици и пак би ги исцртале границите, со шестар, со ленир или со омраза, сеедно.

Преведени сте на десетици јазици. Дали преводот некогаш ви открил нешто во сопствената песна што самите не сте го виделе?

-Велат дека преводот е мост што сврзува две култури и јазици. Но, моќта на мостот е во тоа што дозволува реката да тече под него. Така го гледам преводот — во сврзувањето на различните брегови на колективните сеќавања, дозволувајќи му на личниот aвторов глас слободно да патува. Преводот може да биде и штит и оружје за оној што пишува. Сретнав украински поет кој за време на големото цензорско око во Советскиот Сојуз своите авангардни стихови ги објавувал потпишувајќи се како преведувач на странски поет кој не постои, кој сѐ уште не е роден.

Еднаш променив стих во оригиналната песна напишана на македонски, зашто препевот на другиот јазик звучеше толку убаво и силно. Понекогаш препевот е ехо посилно од гласот, зашто така стихот преку преводот се враќа избистрен назад во јазикот на кој изворно е напишан. И тоа е добро за книжевноста, посебно за авторите што се борат со секој напишан збор и го одложуваат објавувањето — јавната егзекуција на личните тајни.

Автори сме само во мигот додека зборот се труди да отелотвори кусоживотна мисла или невронска светлина на поинакво постоење, но потоа стануваме само читачи на она што сме биле и читачи на гласовите на оние што талкаат низ нашата совест и будност. Преводот не го гледам само како проста метаморфоза на текстот, туку и како кристален песок со кој се покрива древен, тукушто откриен мозаик, за да се заштити од атмосферата и времето. Преводот е траен чувар на книгите што сѐ уште се забрануваат или касапат во општествата на кои некои сѐ уште им се воодушевуваат, заведени од мазохистичкиот шарм на носталгијата по вечни лидери.

Често го цитираме Роберт Фрост кој вели дека поезијата е она што е изгубено во преводот, но при преведувањето ниту се губи ниту се добива, туку се пресоздава. Преводот е острото огледало на гласот — телескоп насочен кон кожата на текстот. Ако авторот го потпалува пламенот на свеќата, а критичарот е свеќа запалена од свеќа, преведувачот е воздухот што го држи пламенот и го разнесува преку тешките ѕидови на времето.

За поетот, јазикот е тело во кое ги чувствува сите задоволства и ограничувања. Да мислиш значи копнежот да го преведеш во вистина. Да се сеќаваш значи да ги преведеш миговите од конзервирано во органско време. Да се биде бегалец значи да се преведеш од еден дом или од еден јазик во простор што никогаш нема да го наречеш дом, мајчинска татковина на детството.

Велите дека преведувањето е „најубавото одложување на раѓањето на сопственото писмо“. Дали тоа одложување некогаш станува бегство, момент кога преведувањето почнува да го заменува, а не да го храни сопственото пишување? 

-Преведувањето е најубавото одложување на сопственото пишување, но и најубавото разголување на писмото — магнетна резонанца на духот и гласот на авторот, кои остануваат мистерија и за современите радиолози на човековата душа кои имаат мислење за сѐ и сешто, зашто се плашат од тишината на суштинското спознание. Како што молитвата ве сврзува со метафизичното дури и надвор од храмот, така преведувањето ве носи до изворот на напишаното и како и секој ритуал, така и тоа бара откажувања од рутините на денот.

Не можам, а да не помислам на археолозите кога преведувам и на нивната страст за откопување на невидливото, за пресоздавање на приказните според пукнатините во предметите и во историското сеќавање. Одговорноста е поголема кога ја пренесуваш кристалната чаша во дланките која може да напукне од продорни туѓи гласови, отколку кога ја создаваш во тишина. Зборувам за одговорност пред духот на авторот што ги напишал стиховите или прозните редови.

Киш ја вежбаше граничноста на сопствениот видокруг и поетика, преведувајќи ги „Стилските вежби“ на Рејмон Кено, но силниот интегритет не му дозволи да зачекори кон стапицата на неодоливата привлечност на натпишувањето. Дури и поштарите имаат свој ракопис кога ја поправаат погрешната адреса и не се трудат да го повторат ракописот на испраќачот.

Прифаќањето на несовршеноста на јазикот е првиот чекор кон пронаоѓање на сопствениот глас. Текстот не трпи ботокс — нему му требаат лузните, и релјефноста на скаменетата лава, и трпението на сталактитите спремни никогаш да не бидат видени.

Неодамна ваши песни беа објавени на француски во „Europe“, едно од најстарите европски книжевни списанија, а вашата нова песна беше објавена и како Песна на денот од Американската поетска академија. По толку години меѓународно присуство, што сè уште може да ве изненади кога ваша песна ќе стигне до читател на друг јазик?

-Нема поубаво чувство од тоа кога гласот патува побргу од телото. Радоста на преселбата од еден во друг јазик е споредлива со радоста на номадот кога ќе открие нова река, иако можеби тоа е само долниот тек на старата река покрај која некогаш живеел.

Врвниот хрватски поет Даниел Драгоевиќ не дозволуваше песните да му бидат преведувани на други јазици, ниту антологизирани, зашто не веруваше во сојузи надвор од јазикот на кој или амбиентот во кој песната е напишана. Тој ја одбиваше вакцината на преводот, ја штитеше песната од ентропијата на непознатите јазици, сакаше неговите стихови да живеат само во коренот на јазикот на кој се напишани и по цена на отсуство од глобалното, понекогаш погубно, поетско братство.

Сепак, парадоксално, денес отсуството од глобалните социјални мрежи е највидливо — речиси еднакво впечатливо како средновековните јавни егзекуции среде преполни плоштади. Медиумски се регистрирани сите егзекуции на вечните лидери — од Чаушеску, преку Хусеин до Гадафи. Камерите од телефоните што вибрираат во нечија дланка, снимајќи го џелатскиот чин врз џелатите, требаше само да додадат драматика на јавната смрт која стана позначајна од гробовите.

Поезијата изненадува тајно, во мигот кога се пишува. Бродски велеше дека кога пишува честопати неговата мисла го носи подалеку отколку што претпоставува и дека токму тоа изненадување е моментот кога иднината на јазикот ја освојува неговата сегашност. Но, уште почудни се изненадувањата кога некојa песна ќе се пресели на јазик чија музика воопшто не ја познавам.

Така се случи книгата на англиски јазик „Остаток од друг век“ еден бурмански поет да ја донесе во Мијанмар и стиховите да се распрснат низ локалната поетската сцена по што еден поет решил да ја преведе на бурмански јазик целата книга. Не знаев за сопствената книга на туѓ јазик додека не ми ја покажаа откако слетав во Јангон. Ја поседочив убавината на изненадувањето кога телото патува подоцна од стиховите, кога телото на поетот е само сенка на неговиот глас.

Како дете се прашував дали авторот можеби спие во мигот кога ги читам неговите приказни, се прашував дали мојата возбуда од непознатото навлегува во неговиот сон, дали се растреперува неговото око или неговата дланка кога ќе издишам по затворањето на книгата. Сега додека спијам сакам да пишувам, иако не можам да се присетам на непознатите букви што ми се исцртуваат во сонот налик на лузните изрезбани врз моите бели дробови.

По сите тие награди и признанија, што всушност се менува кај човекот кога останува сам со празен лист? Дали очекувањата растат или само учите подобро да ги игнорирате? 

-Наградувањата имаат смисол, ако водат до надградувања. А од друга страна второто мора да му претходи на првото — постојаното надградување е тегот или тежината на телото што го крева другото тело над хоризонтот во клацкалката во паркот. Сепак, пред длабочината на празниот лист или пред белината на кристалниот монитор човек е како исфрлена морска ѕвезда на брегот, чекајќи го бранот што ќе го врати во внатрешното море. Таму не постојат ниту награди ниту пофалби кои красат и гнасат едновремено.

Понекогаш потребен е поглед во лузните под кожата за повторно да се пишува, да се отворат страниците од стариот албум и да се пишува за фотографиите кои недостасуваат, или да се спротивставиш на сите апсолутни истории и на преместувањата на коски како предзнак и најава за убивање на живите.

Шопенхауер пишува дека можеби постојано ни е потребна и извесна мера на грижа, тага или сиромаштија, како што на бродот му е потребен товар за да плови стабилно по правиот курс. Наградите само привремено нѐ одвлекуваат од осаменоста, зашто доаѓаат од светот за којшто пишуваме или му се спротивставуваме, но не треба да дозволиме да ни го врамуваат гласот или мислата, иако често наидуваме на врамени награди и дипломи по ѕидовите на канцелариите што мирисаат на впиен чад од цигари и од непрежалена историја.

Кога се пишува, потрагата е над целта. Самиот чин на пронаоѓање е повозбудлив од создавањето, зашто како што созреваме сфаќаме дека пред нас е сѐ создадено. Ние овде генетски страдаме, зашто нѐ учат да се снајдеме наместо да се пронајдеме. Во култура каде народен херој е Итар Пејо и смртта станува измама — затоа умрените гласаат и така го одредуваат патот на живите или нивниот нематеријален дух активно шета низ списоците за материјални примања. Впрочем, затоа и честите заскитани политичари имаат длабоко покритие за своите снаоѓања.

Америка го креираше Супермен за да си отвори пат да го спасува светот, ние си отворивме пат да се лажеме едни со други. Меѓусебните фалби и наградувања го надминуваат бројот на делата и неделата. Каде замина гласот на сопственото критичко опсервирање? Умре пред самото тело да загине.

Сте поминале низ книжевни резиденции, но и низ простори на војна и конфликт. Дали патувањата ве оддалечија од идејата за едно место или ве убедија дека човек го носи своето место длабоко во себе, без разлика каде се наоѓа?

-Патував за Багдад веднаш по падот на Садам Хусеин, зашто ирачките поети не можеа да патуваат заради тешкиот синџир на наметната вина со кој беа оковани. Вавилонските музеи беа испразнети, но не видов други луѓе полни со толкава жед за живот како оние во Ирак, кои дури имаа изгубено и најблизок, зашто секое будење за нив беше сон.

Живеев некое време опкружен со парамилитарците во џунгла близу океанот што ги сврзува копната меѓу Колумбија и Панама, а во еден конзервативен универзитет во Индонезија изговорив пред студентите дека литературата е поширока од историјата на владетелите по што деканот веднаш демонстративно ја напушти просторијата. Во Малезија престојував на една планина кај припадниците на една изолирана етничка заедница која не сакаше да го прифати исламот и сѐ уште ги практикуваше шаманските и пагански ритуали и танци далеку од сенката на имамот, а моето име се најде на црната листа на непожелни посетители на Азербејџан зашто присуствував на поетско читање во тогаш запоседнатиот Степанакерт во Нагорно Карабах, со вперена пушка кон мене на контролниот пункт поставен среде полињата со калинки, чиј пејзаж ме потсети и ме испрати во надреалните светови на Параџанов.

А постои ли поубаво патување од сеќавањето, кога стоиш исправен пред нечиј нишан? Сакав да верувам дека поезијата е помоќна од монокуларот на снајперот, дека поезијата нѐ одржува блиски без да нѐ убие. Сега се вратив во градот во кој израснав, седам под истите липи под кои минував како дете на пат кон училиштето кое сега го има променето името, а татко ми сѐ уште го вика по старо, мислејќи дека така ќе ја одложи староста.

„За оној што знае да живее, убаво е и таму и тука“, изговори Александар Кирков во „Пред Дождот“. Обично врз фрижидерот немаме магнет од местото каде што живееме и поседуваме повеќе фотографии од музеи и монументи, отколку од собата на нашето детство. Во нагонот за патувања се крие примитивниот страв од вдомување, зашто самата илузија за вечен дом е застрашувачка. Домот е таму каде што се враќаме, а поретко таму каде што живееме. Секој има своја Итака — мојата е Струмица, а на метафизичко ниво тоа е македонскиот јазик или детството кога телото беше побрзо од сенката и од сѐ уште неспознаените опасности на светот и системот.

Сите суштества во природата кои го носат домот врз себе се бавни и ним трката со времето и хиерархијата не им значи ништо. Ама уште потешко е кога го носиш домот во себе секаде каде што патуваш, затоа што тежината на наследените приказни и сеќавања се многу потешки од ѕидовите на стварноста.

Велите дека повеќе им верувате на личните приказни отколку на официјалните истории. Во ера преплавена со туѓи сведоштва и податоци, по што препознавате дека една лична приказна е автентична, без разлика дали е фактички прецизна?

-Колку и да звучи апсурдно, ние активно ја живееме добата на новите истории. Симон Вејл, според Ками „единствениот голем дух на нашето време“, вели дека историјата е ткиво од подмолни и сурови дејствувања меѓу кои неколку капки од чистота одблеснуваат во долги интервали. Сведоци сме дека сите војни почнуваат со тргување на историите и митовите, а потоа почнуваат одземањата на личните приказни, веднаш штом ќе се исцртаат новите поствоени граници.

Моите предци одлучиле да им биде одземен домот наместо личните приказни и така ме задолжија да се сеќавам без да мразам, да пишувам без да верувам во изделканите истории. Не е најболно тоа што победниците ја пишуваат историјата — туку тоа што тие ги тераат понижените да ја читаат. Затоа, пак, постојат личните приказни прераскажани од гласовите што не се составени од коски, туку од вистини кои не можат да се кремираат или да се изложат пред црвите на времето.

Ако ги тргнеме наградите, преводите и книжевниот статус, кој е најточниот одговор на прашањето „Кој е Никола Маџиров?“

-Жеден за живот. Живот што нема да биде официјална, кобна историја.

 

Најнови вести од: Македонија

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ?

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор денес, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се не само одделен, туку и навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во неа се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту ништо. Напротив; толку многу му одзеле, но и натаму тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се навистина длабоко во темелите на европската цивилизација.

ВМРО ДПМНЕ: Им го честитаме резултатот на СДС во Брвеница! Им посакуваме уште многу вакви резултати во иднина со Филипче на чело!

„Поддршката која СДС ја доби од граѓаните на Брвеница е од досега невидени размери. Се согласуваме. На 4-то место се!“ – им порачува со иронија ВМРО ДПМНЕ на политичките ривали на „Бихаќка“ во Скопје.

Шасивари ќе бара мислење од Венецијанската комисија за измените, поврзани со полагањето на правосудниот испит

Министерството за правда започна консултации со правните факултети и студентите за предложените измени поврзани со полагањето на правосудниот испит. Целта е да се слушнат ставовите на академската заедница и да се дојде до правно издржано решение што ќе ги почитува јазичните права и професионалните стандарди. Министерот за правда Јетон Шасивари истакна дека измените нема да […]

МНР: Навредливи се и провокативни изјавите на Демерџиев и Радуков за Михајлова – тоа е директно мешање во внатрешните работи на македонската држава!

На средбата, како што соопшти МНР на Република Македонија, било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна.

Дете (13) тепано брутално од 15 малолетници на плоштадот во скопско Влае и со метален предмет – скршени му се забите и нанесени сериозни повреди

Тринаесетгодишно дете било физички нападнато од група малолетници во скопската населба Влае, а според неофицијалните информации, нападот бил толку брутален што детето останало со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби. Според сведоштва, во тепањето бил употребен и метален предмет. Нападот се случил во саботата, на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот. Според информациите што се […]

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Најнови вести

To top