Македонија останува земја со најевтина храна и пијалаци во регионот, вели премиерот, откако податоците на Евростат покажуваат дека цената на храната и безалкохолните пијалаци се за 25% пониски од просекот на 36 европски земји. Тоа, според Мицкоски, се должи на владината посветеност на консолидирање на инфлацијата и затоа државата, особено во третиот квартал, има најниска инфлација во регионот, па и во Европа.
- Евростат објави податоци што се однесуваат на реперот 100, дека ние се наоѓаме како држава со најниски цени од аспект на пијалаците и од аспект на храната, убедливо најниски во регионот, со што паѓаат сите тези на оние злонамерници изминатиов период кои ширеа лаги и дезинформации. Се разбира, тука пред сè мислам на поединечни синдикалци, кои се практично опозициски коалициски партнери. И со тоа паѓа таа нивна теза. Се разбира дека сите проблеми не се решени, треба многу од проблемите да се решаваат бидејќи тоа што се случувало повеќе од 30 години, ние не можеме за две години да го решиме. Но повеќето од проблемите се решени или се во процес на решавање – рече Мицкоски.
Во меѓу време, Владата очекува договор со ОКТА за дополнителен попуст од два денари по литар. Премиерот рече дека се разговара за дополнително намалување на цената на дизелот, а преговорите со снабдувачот продолжуваат.
- Порано нè убедуваа дека инфлацијата била увезена кога имавме двојно поголема од просечната во Европската Унија. Денес кога имаме за 25-30% пониска инфлација од таа во ЕУ – рече Мицкоски.
И покрај енергетската криза, премиерот уверува дека до крајот на годината нема да поскапи струјата, за разлика од претходната влада на СДСМ и ДУИ, кога електричната енергија била речиси двојно зголемена. Од Владата посочија дека остануваат целосно посветени на заштита на животниот стандард на граѓаните со пониски цени, а земјава останува со најниски цени горивата во гегионот.