Од летово Управата за јавни приходи ги посетува туристичките места низ Македонија и одржува средби со туристичките работници, угостители, издавачи на сместување и други лица што вршат дејности поврзани со туризмот, пренесе СП. Кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ овозможува средби и разговори за практични прашања поврзани со пријавувањето и со оданочувањето на приходите, ангажирањето сезонски работници и со исполнувањето на даночните обврски во туристичкиот сектор. Според УЈП, „навременото исполнување на даночните обврски придонесува за еднакви услови за сите, поголема доверба и фер и конкурентен туристички сектор“.
- Во текот на 2025 година се поднесени околу 10.000 пресметки за остварен доход од изнајмување недвижен имот за краткорочен престој до 31 ден, во кој е пријавен бруто-доход од околу 530 милиони денари (8,6 милиони евра н.з.) на кој е платен данок од околу 45,3 милиони денари (околу 730.000 евра н.з.), изјавија за „Слободен печат од Управата за јавни приходи.
Податоците од Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека лани сме имале повеќе од 1,3 милиони туристи што оствариле над 3,2 милиони ноќевања. УЈП се обидува со кампањата да го зголеми бројот на пријавите за издавање, а последната кампања ѝ е во Маврово.
- Доходот од издавање треба да се пријави и соодветно да се оданочи, без оглед на времетраењето на изнајмувањето, начинот на плаќање и тоа дали гостите се домашни или странски. Обврските се однесуваат и на резервациите реализирани преку дигитални платформи како „Букинг“, „Ербиенби“, „Кајак“, „Трип адвајзер“ и други, беше кажано во Маврово, извести УЈП.
Ова кампања е добредојдена затоа што во јавноста има многубројни недоумици при издавањето.
- Кај доходот остварен од издавање на недвижниот имот за престој пократок од 31 ден во еден месец, во случај кога за закупот закупнината е платена од странство во странска валута (на пр. „Ербиенби“), физичкото лице закуподавач има обврска да достави пресметка е-ПДД, во која ги внесува сите факти битни за оданочување (земја во која е резидент исплатувачот, валута, дата на прилив, износ во странска валута, вид и подвид на доход). Додека за закупнини за престој пократок од 31 ден во еден месец, за кои за закупнината е платено директно од друго физичко лице (домашно или странско), физичкото лице – закуподавачот поднесува пресметка преку електронскиот систем „е-даночни услуги“ во делот „закупнини“. Во пресметката се внесуваат податоци за закуподавачот, за закупецот, имотот, приходите и понатаму потребно е да се прикачи документ-доказ за закупот, на пример потврда за резервација, ни одговорија од УЈП на нашето прашање за процесот на пријавување.
Оттаму велат дека по приемот и обработката на електронската пресметка, службено лице од Управата за јавни приходи преку електронскиот систем „е-Даночни услуги“, ја одобрува пресметката со доделување фолио број и издава рекапитулација за утврдување на аконтација на данокот на доход со статус „одобрена“ и налог за плаќање на данокот на доход. Аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.
- Од даночен аспект, од значење е остварувањето на доход по основ на закуп и исполнувањето на законски пропишаните обврски за негово пријавување и оданочување. Законот за данокот на личен доход нема услов доходот од закуп да биде утврден со нотарски заверен договор за да настане даночна обврска. Но, Законот за домување ги уредува закупничките односи и формата на договорот за закуп, каде што тој треба да биде склучен во писмена форма и заверен од нотар, што е важно од аспект на прописите од областа на домувањето, велат од УЈП.
Во практика, граѓаните што издаваат станови за краток престој велат дека имаме несоодветна регулатива и прашуваат како е можно за некој што престојува ден-два, па и нека се 15 дена, да одат и да прават нотарски заверки.