Началникот на Националната служба за заштита (НСО) на Бугарија, генерал Емил Тонев, ја поднесе оставката. Тоа го соопшти претседателката Илијана Јотова во интервју, потврдувајќи дека повлекувањето е директна последица од вчерашниот инцидент со новинарката Соња Колтуклиева.
Случајот се одигра сношти пред седиштето на „Прогресивна Бугарија“ во Софија. Новинарката од агенцијата ПИК се обидела да ѝ постави прашање на претседателката на Народното собрание, Михаела Доцова, додека таа влегувала во службен автомобил.
Во тој момент службеник од НСО ја удрил и ја соборил Колтуклиева на земја. На видеоснимките што се проширија на социјалните мрежи јасно се гледа како новинарката паѓа на грб, а конвојот потоа заминува.
Колтуклиева беше пренесена во болница со повреди, меѓу кои и фрактура на рамо. Против службеникот е покрената постапка, а дел од заштитниот тим е отстранет од работа додека трае службената проверка.
Претседателката Јотова уште наутро изјави дека гледа сериозни пропусти во работата на службата и дека ќе побара оставка од Тонев. Подоцна тој ја положи оставката. Во бугарската јавност и политичка сцена случајот предизвика остри реакции, со барања за одговорност не само од врвот на НСО, туку и од претседателката на парламентот.
Поврзани вести :
Јотова побара оставка од шефот на Националната служба за oбезбедување
Обезбедувањето на бугарската претседателка на собранието брутално нокаутираше новинарка (ВИДЕО)