По повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Будимпешта присуствувала на работниот ручек, којшто за шефовите на делегациите го приреди претседателот на Унгарија, Андраш Бака.
На средбата со унгарскиот колега, Андреш Бака, претседелката на Македонија му упатила честитки по повод неговиот избор за претседател во август годинава и изразила подготвеност за продлабочување на македонско-унгарските односи преку политички дијалог, размена на посети и унапредување на економската соработка.
Сиљановска-Давкова се заблагодарила за принципиелната и гласна поддршка од Унгарија на македонските евроинтеграции и нејзиниот активен ангажман во рамките на „Вишеградската група“. Таа укажала на неопходноста од кредибилен процес на проширување, заснован на заслуги врзани за Копенхашките критериуми.
Од Кабинетот на Сиљановска Давкова наведуваат дека соговорниците разговарале за актуелните геополитички предизвици и потребата од јакнење на мултилатерализмот, како механизам за силни институции, што ќе им овозможи на малите држави поголемо учество во процесите на одлучување за глобалните прашања.
„Претседателката ги искажа своите ставови за потребата од длабоки реформи на меѓународните организации, премин од реактивна кон превентивна дипломатија како предуслов за ефективно справување со глобалната криза, како и за потребата од проширување на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Во рамките на меѓународната програма, Сиљановска-Давкова ја проследи свечената седница на Националното собрание на Унгарија, на којашто се обратија неговата претседателка, Агнеш Форстхофер, унгарскиот претседател Андреш Бака, претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и министерот за финансии на Норвешка, Јенс Столтенберг.

Унгарскиот претседател Бака се осврна на идеалите и историското значење на револуцијата во 1956 година. За него, седум децении потоа, европската демократија и солидарност повторно се исправени пред голем предизвик. Тој повика на меѓусебна почит, одговорност и разбирање.
Вон дер Лајен и Кошта го потенцираа европското единство, ги поздравија демократскиот напредок и реформите во Унгарија и ги нагласија придобивките коишто земјата ги стекнала со членството во ЕУ изминативе 22 години.
Со едноминутно молчење, присутните оддадоа почит кон жртвите на револуцијата. На свечената седница беше прикажан и документарен филм.
За Сиљановска-Давкова Унгарската револуција е траен симбол на храброст, слободољубивост и достоинство на еден народ. Според неа, чест е да се присуствува и да се оддаде признание на овој значаен историски настан, не само за Унгарија, туку и за Европа.
„Убаво е да се чујат највисоките претставници на ЕУ, кога велат дека Унгарската револуција има голем придонес во изградбата на демократијата, дека вреди да се бориме сите за Европа, како наш заеднички дом“, изјави претседателката.
Централниот комеморативен собир се одржа на плоштадот „Лајош Кошут“.
Сиљановска-Давкова присуствуваше на гала свеченоста во Унгарската државна опера и на приемот во Музејот на ликовните уметности, чијшто домаќин беше премиерот на Унгарија, Петер Маѓар.