Воведувањето вињетки наместо постојниот систем на наплата на патарини во Македонија би предизвикало значително зголемување на трошоците за сопствениците на возила, вели вицепремиерот и министер за транспрт Александар Николоски.
Причината, како што објаснува, е што најголем дел од регистрираните автомобили во земјата воопшто не ги користат автопатите и експресните патишта, а со ваквиот модел би биле опфатени со дополнителни давачки.
Николоски ова го истакна на средба со претставници на Македонско-германското стопанско здружение објасни зошто Владата не се определува за воведување вињетки.
Според него, студија изработена за ова прашање покажала дека повеќе од 70 проценти од возилата во Македонија не излегуваат од општината во која се регистрирани, што значи дека автопатите и експресните патишта ги користат најмногу 30 проценти од возилата.
При таква состојба, воведувањето вињетки би значело дополнителен финансиски товар и за граѓаните кои ретко или воопшто не патуваат по автопатиштата.
„Ние правевме студија. Воведувањето на вињетките во Македонија драстично ќе го поскапи патувањето бидејќи над 70 проценти од возилата не излегуваат од општината во која се регистрирани. Тоа значи дека автопати и експресни патишта користат не повеќе од 30 отсто од возилата“, изјави Николоски.
Според неговото објаснување, доколку се воведе општ систем на годишни вињетки поврзан со регистрацијата на возилата, дополнителната обврска би се однесувала и на сопствениците кои не ја користат патната инфраструктура за која се наплаќа надоместок.
Тоа, според министерот, би довело до сериозно поскапување на регистрацијата и би ги префрлило трошоците за користење на автопатиштата врз многу поширок круг граѓани.
Втората причина што ја посочи Николоски е географската положба на Македонија која се наоѓа на два важни европски транспортни коридора, Коридорот 8 и Коридорот 10, кои покрај домашните возачи ги користат и голем број странски патници.
Според министерот, значителен дел од парите што се собираат од патарините доаѓаат токму од транзитниот сообраќај.
„Оние големи суми за патарини кога ќе ги слушнете, од кои ги градиме автопатите и експресните патишта, во суштина во сериозен процент се од транзит-патници, односно од патници што не се од Македонија“, рече Николоски.
Тој посочи дека само по Коридорот 10 годишно поминуваат околу 10 милиони патници, односно речиси 4,5 милиони возила.
Ова, според него, покажува дека значителен дел од користењето на македонските автопатишта е поврзан со меѓународниот сообраќај, а не само со домашните потреби.
Со сегашниот систем, патарина плаќаат возачите што минуваат низ наплатните станици, додека со модел на задолжителна годишна вињетка трошокот би можел да биде распределен и на сопственици на автомобили што ретко користат автопати.
Иако Николоски смета дека општото воведување вињетки не би било поволно за македонските граѓани, тој остави простор за разгледување посебни решенија за компаниите и работниците што секојдневно користат автопатишта.
„Се согласувам дека идејата е добра, особено за оние што имаат дневна мобилност. Можеме за ова да поразговараме со Јавното претпријатие за државни патишта“, изјави министерот.
Засега не е најавена конкретна мерка, ниту модел според кој би се овозможило поевтино користење на автопатиштата за граѓаните кои секојдневно патуваат на работа.