Македонија Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Пишува: Свето Тоевски

Андреј Ѓуров

„Тогаш, кога седевме настрана со вето, сите од целата ЕУ беа против нас. Но со францускиот предлог успеавме да промениме – не да биде Бугарија против ЕУ, туку С.Македонија да биде против ЕУ. Успеавме нашиот став да го направиме став на ЕУ и тоа нè стави во многу посилна позиција, отколку кога ставаме вето.“ – изјави вчера на 29 октомври Андреј Ѓуров, еден од двата кандидата за претседател на Бугарија, во завршната дебата на Бугарската национална телевизија со вториот кандидат Илијана Јотова спроти одржувањето на вториот круг од бугарските претседателски избори на 1 ноември 2026.

Илијана Јотова

Јотова, која е моментно вршителка на должноста претседателка на Бугарија, во оваа телевизиско соочување, истакна дека „нема суштинско подобрување во односите меѓу Софија и Скопје по потпишувањето на договорот за добрососедство“. Според неа, „остануваат проблемите со говорот на омраза и со односот кон лицата со бугарски корени“ и „Скопје се обидува да оспорува, или да избегнува исполнување одделни протоколи“. „Но, ние ќе продолжиме да настојуваме кај нашите европски партнери договорот и европските политики да се спроведат. Во мене гледате личност, која нема да отстапи ниту еден сантиметар од она, што е веќе договорено.“ – нагласи Јотова.

И Ѓуров и Јотова не пропуштија да ја стават Македонија, македонскиот народ, идентитет, македонскиот јазик и историја во функција на нивните предизборни пропаганди. Во функција на нивните настојувања да добијат поголем политички рејтинг и повеќе политички поени во очите на обичните бугарски граѓани. Но, од друга страна, постојат моменти  и настани во историјата, постојат документи и факти, кои имаат поголема историска тежина од вакви манипулативни телевизиски настапи на бугарските политичари. Таков момент е 30 октомври 1890 година, кога Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од 19 век, каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од негаторските пропаганди и шовинистичките фалсификати на историјата од страна на балканските соседни држави.

Точно 136 години подоцна, на 29 октомври 2026 година, на бугарската национална телевизија БНТ, во завршното телевизиско соочување пред вториот круг од претседателските избори, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров повторно ја отворија темата Македонија и таканаречениот „француски предлог“. Во суштина тие вчера тврдеа дека „европска политика“ е бугарската државна доктрина, во која два темелни столба се „њама македонски език“ и „Македонците се Б’лгари“. Во дебатата на БНТ  Ѓуров го бранеше „францускиот предлог“ како инструмент, со кој бугарските барања биле претворени во „заедничка европска позиција“. Јотова „свечено вети“ дека „нема да отстапи ниту еден сантиметар“ од таа „европска позиција“. Тие двајцата порачаа дека се застапуваат за уште поцврста политика на наметнување на бугарското национално и историско толкување, поточно кажано за бугаризирање на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ, во кој основен темел е македонскиот јазик.

Двата претседателски кандидата и официјалните позиции на Софија продолжуваат да го оспоруваат посебниот историски и јазичен континуитет на Македонците. Бугарската страна го поврзува македонскиот јазик со бугарскиот јазичен историски развој и не прифаќа македонскиот идентитет да се толкува независно од нејзините историски претстави. Проблемот е во политичката пракса, во која бугарските историски и идентитетски толкувања се претвораат во услови, што Македонија треба да ги исполнува на својот пат кон ЕУ. Меѓутоа, е европската интеграција не смее да стане механизам за просудување каков е  на националниот идентитет на народот на една држава. И тука Јотова и Ѓуров должат одговор на едно суштинско прашање: дали членството во ЕУ треба да биде условено со прифаќање на историските толкувања на друга држава?

Од „Охридската молба“ до концепциите на „европеизирана Бугарија“: македонскиот јазик и неговата употреба не се и не можат да бидат предмет на преговарања и бугарски дозволи

На 30 октомври 1890 година, Македонците од Охрид барале право нивните деца да учат на мајчиниот македонски јазик. На 29 октомври 2026 година, 136 години подоцна, во телевизиска дебата за иднината на Бугарија, македонското прашање повторно беше претставено како прашање на исполнување бугарски услови, многу поточно уцени, наредби и ултиматуми, „спакувани“ во „француско-европски целофан“. Меѓу овие два датума се наоѓаат повеќе од еден век македонска борба за образование, за политичка и државна самостојност и слобода, за  македонско национално и идентитетско самоопределување, за исто такво меѓународно признавање. Македонците од Охрид не бараа дозвола од турскиот султан да бидат некој друг народ и да употребуваат некој друг јазик. Тие имаа упатено молба и барање до османлиската власт токму  како Македонци, а не како Бугари, да можат да отворат македонски училишта, во кои нивните деца ќе учат на мајчиниот македонски јазик. А не на бугарски јазик!

Тоа не било барање за туѓо образование, туку барање за право на сопствен јазик и образование. Македонците од Охрид барале настава на јазикот, што се зборувал во нивните домови и во нивната средина. Молбата се вклопува во пошироката борба на македонското население за сопствени образовни и црковни институции, независни од соседните национални и црковни пропаганди. Ова е историски исклучително значајно. Во времето кога државните и црковни структури на Србија, Бугарија и Грција се натпреварувале за влијание врз Македонија и за душите на Македонците, постоеле луѓе кои барале нивните деца да се образуваат на јазикот на сопствената средина. Постоеле Македонци, кои барале македонски јазик. Охридската молба не е производ на современата македонска држава, ниту на политиката по 1944 година. Таа му претходи на современиот процес на државна кодификација на македонскиот јазик за повеќе од половина век. Токму затоа овој историски документ, ова барање од 1890 година, заслужува посебно внимание денес. Тој историски документ е уште една жестока негација на погледите и барањата, кои ги изнесоа и Ѓуров и Јотова на 29 октомври.

Автентичната македонска национална и јазична историја не може да се претвора во предизборна програма и пропаганда на бугарските политичари

Најголемата противречност во современата бугарска политика кон Македонија е обидот историските процеси да се толкуваат низ однапред зададена национална матрица. Еден народ не станува друг народ само затоа што некоја соседна држава така ја толкува неговата историја. Еден јазик не престанува да постои затоа што друга држава не го прифаќа неговиот посебен историски развој. Ниту правото на национално самоопределување може да биде предмет на билатерално преговарање. Политичките претставници на Бугарија, оние што се стремат да ја вршат највисоката државна функција, ја негираат македонската национална и јазична реалност.

Затоа, проблемот со настапите на Јотова и Ѓуров не е само во нивните конкретни изјави за „Францускиот предлог“ и протоколите кон „Договорот за добрососедство“. Проблемот е во политичкиот концепт, што го застапуваат. Јотова и Ѓуров можат да се разликуваат во своите политички концепции за иднината на Бугарија. Но кога станува збор за Македонија, нивните настапи покажуваат континуитет на една политика, во која бугарските барања се поставуваат како мерило за напредокот на соседната држава.

Но, македонската национална и јазична историја не може да зависи, ниту да биде толкувана и ревидирана со „Францускиот предлог“. Таа историја ги урива сите денешни политички декларации од Софија. Таа македонска национална и јазична историја има свои сведоштва, документи, книги, јазични траги и историски процеси. Еден од тие документи е охридската молба од 30 октомври 1890 година. И токму затоа, наспроти денешните политички условувања, нејзината порака останува актуелна: правото на еден народ да го негува својот мајчин јазик не е подарок од друга држава, ниту предмет на туѓо политичко одобрување. Тоа е право што се барало, се бранело и се остварувало низ историјата.

Најнови вести од: Македонија Колумни

Ристески: Дигитализација и иновациите во производствените капацитети се неопходни за компаниите да опстанат и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар

Годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“ е во организација на Македонското здружение на металната и електроиндустријата (MAMEI), Стопанската комора на Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК

Туристички бум во Турција: Рекордни приходи од туризмот од 51,3 милијарди долари во првите девет месеци од годинава

Вкупниот број посетители во Турција во наведениот период достигнал 49,1 милион. Руската Федерација со 5,70 милиони посетители, Германија со 5,17 милиони и Обединетото Кралство со 3,20 милиони посетители останаа трите најголеми туристички пазари за земјата.

(Фото+Видео): Нова авиолинија Скопје-Тиват, наскоро директно од Скопје до црногорското приморје

Станува збор за реализација на договореното при неговата претходна посета на Подгорица, нагласувајќи дека новото авиоповрзување ќе има значење за зголемување на размената меѓу двете држави.

Пријавете се на работилницата на „Реплек“ со Марко Пејчиновски: „РЕсет за внатрешна сила. РЕсет за добросостојба“

Овие иницијативи се надополнување на бројните активности што компанијата континуирано ги реализира за своите вработени во рамките на платформата РЕсет, со цел поттикнување здрави животни навики, личен развој и целокупна добросостојба.

Мицкоски: Очекувам победа на ВМРО ДПМНЕ во Брвеница! Да се гласа не за етнички поделби, туку за подобар живот во Македонија!

Денеска ќе имаме завршно обраќање пред жителите на Брвеница. ВМРО-ДПМНЕ во секоја кампања влегува со цел да победи, така и во оваа кампања во Брвеница, во вториот круг. Во првиот круг имавме најмногу гласови, речиси 3000, очекуваме тој број на гласови да го зголемиме. Очекувам победа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата – изјави денеска премиерот и лидер на владејачката македонска партија Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на вториот круг за избор на градоначалник на општина Брвеница.

Тачи: Албанските партии треба да се договорат за документ за целосна политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија!

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, меѓу другото, во емисијата „Дијалог“ на медиумската платформа на „Лајм“  зборуваше и за „потребата од постигнување договор меѓу албанските партии за одобрување на документот за целосна политичка и територијална автономија“.

Најнови вести

To top