Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска порача дека Македонија мора климатските обврски да ги претвори во реални инвестиции и мерливи резултати. Според неа, борбата против климатските промени бара заедничка акција, јасна одговорност и навремена превенција.
На настанот „Национален дијалог во пресрет на COP31“, организиран од УНДП заедно со ресорните министерства, претседателката оцени дека климатските промени одамна не се само еколошко прашање, туку системска криза што влијае врз целото општество.
Таа потсети дека Македонија, како дел од ранливиот медитерански регион, веќе ги чувствува последиците од суши, поплави, шумски пожари и аерозагадување. Посочувајќи го извештајот на Светската банка, Сиљановска-Давкова истакна дека во последните две децении штетите од екстремни климатски настани се проценуваат на 667 милиони долари. Без инвестиции во адаптација, годишните загуби би можеле да достигнат четири проценти од БДП до 2050 година.
Претседателката посебно ја нагласи потребата од брзо усвојување на Законот за климатска акција, за кој Европската комисија веќе дала позитивно мислење во однос на усогласеноста со европското право. Покрај законската рамка, според неа, неопходни се и сериозни вложувања во адаптација и во зајакнување на отпорноста на државата.
Како конкретна мерка го предложи воспоставувањето на Национален интегриран мултихазарден информативен систем за превенција од катастрофи. Таквиот систем би овозможил поврзување на постојните капацитети, подобро искористување на податоците и навремено предупредување при топлотни бранови, суши, бури, поплави и пожари.
Во пресрет на COP31 во Анталија, каде што ќе ја предводи македонската делегација, Сиљановска-Давкова порача дека земјата мора да настапи со јасни приоритети, подготвени проекти и прецизно дефинирани потреби за финансирање. Таа повика на поинтензивна соработка меѓу институциите, научната заедница, општините и приватниот сектор.
Претседателката на крајот истакна дека одговорноста за заштитата на природата ја делат сите – институциите, бизнисот, медиумите и граѓаните. Таа повика на промена на пристапот и на градење општествен договор со природата, во кој таа ќе се третира како партнер, а не како ресурс што треба да се експлоатира.